Македонија
23. February 2020 - 12:40

Граѓански протест во Кочани против загадувањето на воздухот од фабриката за хартија

Нов протест за чист воздух организираа денеска граѓаните на Кочани пред фабриката за хартија „Пејпар мил“, а како одговор на бавноста во реакцијата на надлежните институции поради загадувањето од фабричкиот оџак.

Со едночасовно блокирање на влезот на компанијата го изразија незадоволството од испуштањето густ и задушлив чад што им влегува во домовите, а за што веќе повеќепати досега имаше реакции во јавноста.

– Во ноември минатата година имавме јавна расправа со претставници од компанијата и од надлежните државни институции, ни беше ветено дека ќе се стават филтри и дека е потребно време тоа да се прилагоди, тестира и измери. Неколку пати баравме од надлежните да добиеме податоци од мерењата за загадувањето од фабриката, но досега не ни се дадени. Веќе крајно време е да се преземе нешто и затоа собираме потписи како полномошно за адвокатот преку кој ќе поднесеме тужба против компанијата и тој ќе нè застапува на суд. Ќе бараме отштета за труењето што ни се случува од минатото лето. Нашите барања се наместо пелети во производниот процес повторно да се користи метан или производството да се премести на оддалеченост поголема од два километри од најблиските куќи, како што законски е пропишано, истакна Орце Николов од граѓанското здружение „Грин“ кое го организираше протестот.

Граѓаните рекоа дека не се против работењето на фабриката, но побараа да се почитуваат законските одредби и условите што се пропишани во издадената А-интегрирана еколошка дозвола.

– Сметаме дека дозволата се злоупотребува, особено во деновите од викендот и навечер кога инспекциските служби не работат. Притоа, од оџакот излегува црн и густ чад со тежок мирис, сето тоа е документирано со фотографии и доколку биде потребно ќе го приложиме како доказен материјал на суд, истакна Јане Јанков, учесник на протестот.

Учесниците на собирот рекоа дека загадувањето на воздухот од „Пејпар мил“ станало поинтензивно во средината на минатата година со промената на енергенсот во производството. Се пожалија дека веќе се појавиле и првите здравствени проблеми, особено меѓу децата и помладите, од кои дел завршиле на Клиниката за белодробни заболувања.

Од протестот беше упатена порака до сите загадувачи во Кочани да преземат мерки, за да не добијат судски тужби и слични протести и пред нивните објекти.