Македонија
9. May 2025 - 16:41

Крвава вечер во Штип: Убиство во кафуле, обид за бегство низ наплатна рампа

Со неколку куршуми беше убиен 25-годишен турски студент, синоќа среде преполно кафуле во Штип- на безбедносните камери од кафулето може да се види убиството. Налик акционен филм, се гледа како напаѓачот, турски државјанин, кој бил дојден како турист во Македонија, влегува во преполното кафуле го вади пиштолот и испукува неколку куршуми кон жртватаи веднаш си заминува. 

Гостите во паника почнуваат да стануваат од масите и да бегаат кон излезот, а дел се обидуваат да му пружат прва помош на младиот човек во кој беше пукано. Тој веднаш бил пренесен во Штипската болница, но таму им подлегнал на повредите. 

Убиецот бега од местото на настанот и со автомобил се обидува да го напушти Штип. Полицијата го лоцира на наплатната рампа Миладиновци, заедно со уште неколку турски државјани кои се обидуваат да му помогнат да избега. Но тој не застанува и со автомобилот ја крши наплатната рампа за да помине.

Подоцна полицијата успеа да го уапси, заедно со оние кои му помагале да избега. 

во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле  А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода.

Од Обвинителството соопштија дека лицето кое пукаше е уапсено, а пронајдено е и оружјето. И во текот на денешниот ден јавниот обвинител постапува.

Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено на обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска, соопштија од Обинителството. 

Од СДСМ велат дека Македонија наликува на Дивиот запад, а убиствата станаа секојдневие. Бараат одговорност од министерот за внатрешни работи. 

Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија дека токму Оливер Спасовски како министер за внатрешни и СДСМ на власт ја направиле Македонија како Колумбија на Балканот.

Борбата против криминалот е долга и макотрпна, но сега за разлика од порано кога криминалците беа заштитени од власта на СДС, тие се изведуваат пред лицето на правдата.

Со преземањето на одговорноста, ВМРО-ДПМНЕ да ја води Владата се гледаат и првите резултати од борбата против криминалот и корупцијата. Се водат истраги за разни криминални дејствија, се расчистуваат случаи, се апсат луѓе кои се огрешиле пред законите, како и лица кои во време на СДС беа недопирливи.

Убиецот имал 21 година и бил дојден во Македонија како турист, 25годишниот државјанин на Турција кој беше убиен студирал во земјава, но дозволата за престој му била истечена. Двајца од приведените кои му помогнале во бегството имале регулиран престој како студенти, а на другите двајца престојот не им бил обновен.