Македонија
10. March 2017 - 20:42

Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија седми пат со протестен марш во Кавадарци

Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија по седми пат организираше протестен марш во Кавадарци. Пред присутните говореше Томе Лисичанец, екологист и пензиониран професор. Тој рече дека изразуваат огромно разочарување од лидерот на СДСМ Зоран Заев поради неотфрлувањето на Тиранската платформа, чија цел е како што нагласи, редефинирање на граѓанска Македонија. 

-Неприфатливо е што лидерот на најголемата опозициска партија Зоран Заев и понатаму ја промовира платформата на Рама, со која се бара воведување двојазичност на територијата на Република Маједонија, се разговара за промена на знаме, химна, грб, воведување на двојазични банкноти и униформи на армијата и полицијата, како и декларација за осуда на геноцид на партизаните кои ја изградија Асномска Македонија, нашите соседи Србите, Бугарите, воведување на казни за непримена на албанскиот јазик и ред други противуставни елементи, кои водат кон разградување на граѓанското ткиво на Република Македонија, нагласи Лисичанец. 

Прашањата кои се државно и национално одбележје, додаде,  не смеат да бидат предмет на пазарење, манипулирање, ниту на различни толкувања, туку за сите овие прашања потребно е да одлучуваат граѓаните. 

Лисичанец нагласи дека нема да подлегнат на ниту една манипулација, или обид на мала врата да се протнат работите кои албанските партии ги договорија во Тирана, а Зоран Заев ги прифати. Нема да помине, рече, ниту еден обид за измама на македонските граѓани. Повика да се гради мултиетничка, а не бинационална држава. Побара јасно и недвосмислено целосно отфрлање на платформата направена во Тирана.

Протестите продолжуваат се до исполнување на барањата.