Свет
21. January 2025 - 10:57

Трамп ја врати Куба на листата на земји спонзори на тероризам

Американскиот претседател, Доналд Трамп, ја смени одлуката на администрацијата на Џо Бајден да ја отстрани Куба од американската листа на држави спонзори на тероризмот, соопшти Белата куќа.

Само неколку часа по преземањето на функцијата за вториот претседателски мандат, Трамп потпиша документ со кој се поништува одлуката на Бајден од 14 јануари за отстранување на Куба од листата. Како резултат на тоа, Куба останува на списокот на земји спонзори на тероризмот, што самиот Трамп го вклучи на крајот на неговиот прв мандат во 2021 година.

Одлуката на Бајден минатата недела беше поврзана со обврската Куба да ослободи повеќе од 500 затвореници.

Кубанскиот претседател, Мигел Дијаз-Канел, реагираше на социјалните мрежи и ја опиша одлуката на Трамп како „исмејување и малтретирање“.

Отстранувањето на Куба од списокот на земји кои го спонзорираат тероризмот ќе придонесе за олеснување на санкциите против островската држава, која е зафатена од длабока економска криза, јавија американските медиуми.