Македонија
11. February 2024 - 16:52

Граѓаните навалија по вода во маркетите, Водовод не пријавил никој за статусот кој ги испаничи сите

Вода има, но одговори нема – кој седна зад официјалната страна на Водовод на Фејсбук и ги исплаши сите граѓани во Скопје, се уште е мистерија.

На статусот имаше цела листа на населби кои треба да останат без вода. Наведен беше и Клиничкиот центар каде има голем број пациенти и планирани операции.

Причина за прекинот требаше да биде интервенција на главната водоводна цевка.

Додека се обидувавме да дознаеме колку време ќе нема вода, статусот исчезна. Со часови никој од Водовод не кажуваше што значи избришаното известување, a во меѓувреме граѓаните побрзаа да купат флаширана вода од маркетите. 

Откако сите си купија вода, јавното претпријатие пред полноќ извести дека:
„На социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица јавното претпријатие Водовод и канализација ќе превземе соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на градот Скопје“.

Кои се овие лица, дали се вработени во Водовод и дали веќе се пријавени, прашавме во Водовод. Оттаму штуро ни одговорија:
„Во однос на Вашите прашања, Ве известуваме дека е испратено официјално соопштение од Водовод и се превземаат мерки за сторителите“.

 Досега пријава до Министерството за внатрешни работи не е пристигната.
„Ве известуваме дека во СВР Скопје нема пријава за настанот за кој прашувате“.

Директорот Виктор Панчевски цел ден не одговара на телефонските повици и пораките, па останува нејасно кои мерки ќе се преземат против авторите на статусот ако не ги пријават во полиција.

Нема одговор ниту од Градот Скопје – дали воопшто имаат контрола над јавните претпријатија со кои раководат.

Додека сите молчат, граѓаните се збунети и се прашуваат како е можно да се случи ова.

„Сакам да кажам“ објави дека денеска требало да се врши зафат на главната водоводна цевка за да се приклучат на вода селата во Сарај. Овој зафат бил договорен пред на функција да дојде новиот директор Виктор Панчевски и за него знаела и градоначалничката Данела Арсовска, пишува порталот и додава дека Панчевски дознал откако веста ја објавија медиумите, па настанала кавга во претпријатието зошто не бил информиран и побарал да се одложи зафатот.

Оваа информација не е демантирана.

Водовод редовно преку ФБ најавува прекини на водоснабдувањето, а таква објава има и денеска, но според коментарите, граѓаните веќе не им веруваат и тераат шега.