Македонија
20. October 2022 - 10:45

Град Скопје: Советот денеска да закаже седница за да се изгласа одлука за пренамена на средства за плати за ЈСП

 – Град Скопје повика претседателот на Советот на градот да закаже во најкус можен рок вонредна седница во текот на денов, за да може веднаш да се изгласа одлуката изготвена по вчерашната вонредна седница, за пренамена на средства со кои вработените во ЈСП „Скопје“ веќе утре би ја добиле септемвриската плата.

-Иако законскиот рок за исплата на платите е до 15 текот на месецот, дел од менаџментот на ЈСП одлучи дека треба со манипулации и подбуцнување на дел од вработените да го остави градот без јавен превоз со образложение дека се доцни со исплата на плати, денес градот Скопје изнајде решение за итна исплата на средствата. Исто така, апелираме до оние кои ги инструираа дел од т.н. синдикалци да обезбедат правна помош за нив, бидејќи спротивно на Законот за јавни претпријатија и работнички права, денес ја попречија работата на ЈСП без притоа да пријават штрајк и да формираат штрајкувачки одбор со што согласно чл.35 од горенаведениот закон се и кривично одговорни, наведува Град Скопје во соопштение до медиумите.

Одговорност мора да има, се наведува во дописот, и ќе се бара и од членовите на управниот одбор на ЈСП и нив Град Скопје ги повикува да поднесат оставки.

-Ги повикуваме и членовите на управниот одбор на ЈСП назначени по предлог на ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат неотповикливи оставки поради доведување во заблуда на дел од вработените во претпријатието и предизвикување прекин на работните задачи на вработените, се наведува во соопштението на Град Скопје.