Македонија
5. July 2020 - 16:38

Големи штети од поплавите во Битола

36 литри на на метар квадратен заврнаа за само 15 минути заврнаа во најголемиот удар од вчерашното силно невреме кое ја зафати Битола. Според информациите, во текот на 24 часа паднале 54 литри на метар квадратен. Се делуваше и со градобијни ракети за растерување на тешките облаци со град. Поројниот дожд проследен со електрични празнења и силен ветер поплави улици, но и домови и станбени згради. Една од најпоплавените улици беше „Ѓорче Петров“. Жителите на таа улица сведочат што преживеале.

-Од канализација, и од купатило, враќа, од секаде како да извираше водата. Влезе во сите соби и направи голем зијан, од електрика ништо не може да се уклучи се е во водас. Не знаеме како ќе живееме, да се живее ќе мора да се реновира, изјави Тони Марковски, жител на ул.„Ѓорче Петров“.

-Од ќерка ми магистратурата документ ниеден не остана. Нема документ. Се плашевме дека ќе се удавиме ако продолжеше да врни. Цела ноќ ја поминавме страшно, со моторчиња со кофи ја вадевме водата до 4 сабајле, вели Даница Марковска, жител на ул.„Ѓорче Петров“.

83-годишната Пера Марковска внуците ја ваделе преку прозорец, затоа што не можеле да влезат преку вратата заради водата.

-Ме извадоа низ џам и си заминав, не можев да стојам повеќе, вели Пера Марковска, жител на ул.„Ѓорче Петров“.

Автомобилот на Крсте Трајчевски кој бил паркиран на улицата, пливал во вода.

-Скоро до шофершајбна. Пред два дена имаше вода, но до тротоар, вчера имаше многу. Чаре за ова само да се пушти цевка под линија. Од главниот колектор на главната улица, шахта има, да се ископа каналот стои. Само цевка да се врзи, таа вода прво ќе се исцеди таму, оваа ќе ја прими, вели Крсте Трајчевски, жител на ул.„Ѓорче Петров“.

Јавните претпријатија и пожарната ноќеска интервенираа на критичните точки, а се испумпуваше и водата од куќи, станови и установи. Денеска се расчистуваа остатоците кои сведочеа за вчерашното невреме, а ќе се врши и дезинфекција.

- Карактеристично и забележително беше тоа што веднаш по запирањето на дождот, од повеќето критични точки водата се повлече, што покажува дека сепак повеќе дискутабилна била поројноста на дождот, отколку канализациониот систем, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Граѓаните кои претрпеа штети ќе можат да достават барање до општинската веб страна, за после комисискиот увид да им се даде одредена помош. Со оглед на најавата за нестабилно време и во наредните денови, кризниот штаб ќе ја анализира состојбата за целосна подготвеност за она што евентуално би следувало.