Македонија
27. August 2015 - 9:04

Голема Богородица - заштитничка на бремените жени, на децата и на семејството

Пресвета Богородица била почитувана не само од христијаните туку и од муслиманите и кон неа сите упатувале молитви за исцелување, здравје и бериќет.

Со свечена литургија, молитва и свеќа за здравје и бериќет, православните христијани утре го одбележуваат големиот празник Успение на Пресвета Богородица, попознат кај народот како Голема Богородица. Во храмовите посветени на Мајката божја литургиите ќе почната од вечерва, во пресрет на празникот.

Во метрополата, најсвечено ќе биде на Матка и во катедралната црква во центарот на градот „Рождество на пресвета Богородица". Храмот посветен на Мајката Божја беше изграден врз темелите на старата и осветен во 2008 година. Следната, 2009 година Советот на Град Скопје повторно ја возобнови традицијата која згасна по Втората светска војна и официјално ја прогласи Богородица за заштитничка на Скопје. "Пресвета Богородица" била не само центар на духовниот живот во Скопје, туку и на севкупниот културен живот.

Според христијанската традиција, на овој празник се принесуваат дарови за здравје пред големата икона, а се зема и светена вода. Богородица била почитувана не само од христијаните туку и од муслиманите и кон неа сите упатувале молитви за исцелување, здравје и бериќет.
На овој празник се принесуваат дарови за здравје пред големата икона, а се зема и светена вода.

- Празникот народски попознат како Голема Богородица е денот кога Мајката Божја низ смртта преминала во вечен живот. Богородица е единствена жена во историјата на човештвото која го добила епитетот пресвета. Се смета за заштитничка на бремените жени, на децата и на семејството, вели професорот Марко Китевски од Институтот за македонска литература.

Народот верува дека Богородица е заштитничка и на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.