Свет
14. March 2017 - 22:17

Германска покраина забрани политички активности на турски политичари

Германска сојузна покраина Сар, која се наоѓа на границата со Франција, денеска забрани јавни политички собири на кои би зборувалет странски политичари, јави дописникот на МИА од Берлин.

Одлуката на Владата на Сар, која ја предводи Анегрет Крам-Каренбург од Христијанско демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел, доаѓа по судирот меѓу Берлин и Анкара, која пред германските Турци лобира за прифаќање на референдумот за зголемување на ингеренциите за шефот на турската држава Реџеп Тајип Ердоган.

- За внатрешниот турски конфликт нема место во Германија. Изборните собири што ја ставаат во ризик безбедноста во нашата земја мора да се забранат, изјави премиерката на Сар.

Според Крам-Каренбург, секоја од 16-те германски сојузни покраини може да забрани политички активности, ако тие го ставаат во опасност мирољубивиот соживот меѓу Германците и странците.

Сар е една од најмалите германските покраини со површина од 2.570 м2 (една десетина од територијата на Република Македонија), а има околу еден милион жители, од кои нешто над 10.000 се Турци.

Во цела Германија, според проценките, живеат меѓу три и четири милиони Турци или лица со турско потекло. Од нив за последните избори во Турција право на глас имале околу 1,5 милиони, од кои 570 илјади го искористиле своето гласачко право. Процентот на поддршка за Партијата на правдата и развојот (АКП) на претседателот Ердоган во Германија беше повисок отколку во Турција.

Предходно, во текот на денот министерот за внатрешни работи на Германија Томас Де Мезиер изјави дека федералната Влада се уште не забранила митинзи на политичари од Турција, но дека постојат законски основи за нивна забрана.