Георгиев: Годинава нема заедничко чествување на Гоце Делчев
Заедничко одбележување на 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари ќе нема бидејќи Бугарија не добила покана од Северна Македонија, изјави денеска шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев во интервју за БТВ.
- Ако прашањето е зошто нема да има заедничко чествување, тоа е затоа што не сме добиле покана за такво нешто. Последното такво чествување беше откако се потпиша Договорот за добрососедство во 2017 година. Но, во овој момент немаме покана од Република Северна Македонија заедно да го чествуваме тој ден, рече Георгиев.
Прашан дали со заедничкото одбележување би можеле да повторат тензиите од 2023 година, тој посочи дека „историјата треба да обединува, а не да разделува“.
За односите меѓу Софија и Скопје оцени дека се „специфични“.
Одговорајќи на прашањето дали Софија ќе ја промени позицијата, со оглед на ставот на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека Бугарите нема да бидат внесени во Уставот без јасни гаранции од ЕУ, Георгиев рече дека Скопје нема како да го продолжи пристапниот процес доколку не ги исполни преземените обврски.
- Тука не зборуваме само за Бугарија и тоа треба јасно да го потенцираме. Таканаречениот „француски предлог“, тоа што се случи за време на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Тука зборуваме за обврски што далеку го надминуваат билатералниот спор. Зборуваме за нешто со кое се согласиле сите држави членки на ЕУ и РСМ. Ако обврските не бидат испочитувани, ЕУ нема како да го продолжи патот за присоединување на РСМ, изјави бугарскиот министер за надворешни работи.
Според него, нема држава која повеќе од Бугарија има интерес од интеграцијата на земјите од Западен Балкан и додаде дека тоа не го кажува само од позиција на бугарските европски приоритети од 2018 година со претседателството, туку во многу поширок контекст.
- Ние, искрено, се радуваме дека Република Северна Македонија и Албанија се наши сојузници во НАТО. Тоа е инвестиција во безбедноста на регионот. Природно е да се радуваме и на евроинтеграциите, но со запазување на условите, рече Георгиев.
Ново на Сител
-
Обвинетите за убиството на Вања еден час ја чекале да излезе од зградата за да ја грабнат
-
Владата сака независно тело да пресметува официјална потрошувачка кошница
-
Инспекторите на терен, деновиве ќе следат првите казни
-
Љутков: Во новиот буџет ставаме акцент на националните културни установи
-
Преглед на вестите од светот
-
Судскиот совет будно ја следи состојбата по реакциите на јавноста за смртта на Фросина
-
Синдикатите, газдите и владата седнуваат на заедничка маса
-
Министерството за култура ќе поддржи 1365 проекти од национален интерес