Македонија
25. March 2021 - 16:40

Функционери од ВМРО-ДПМНЕ нема да отворат врата за попис

Како татко на 5 малолетни деца немам намера да отворам врата на попишувач кој нема потврда дека е вакциниран. Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на социјалните мрежи најави бојкот на пописот.

„Како родител на 5 малолетни деца, како сопруг и човек кој според Закон за време на кризна состојба и епидемија е должен да го штити здравјето на најблиските, своето и здравјето на другите, нема да примам попишувач, доколку истиот не покаже книшка дека е вакциниран против Ковид19. Здравјето не може да се одложи, пописот може, напиша Милошоски на социјалните мрежи.

Слична порака утрово стигна и од претседател на патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов.

„Додека во Република Македонија пописот е термин кој означува попишување на секој Албанец во светот и е политичка операција во која со државни пари првенците на ДУИ шетаат по странство борејќи се за секој еден попишан Албанец, а за сите нас ,,останатите малцинства“ пописот означува статистичка операција за само резидентно население, кое е под закани од Заев и Апостол дека ќе биде кривично гонето со затворска казна од 5 години или останатите со казни од по 300 евра ако одбиваат да се попишат, еве ви кажувам, да не сум видел попишувачи кај мене пред врата. На клоци ќе ги дигнам!!!“ – напиша Пандов на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ се уште нема официјален став за бојкот на пописот но од партијата секојдневно предупредуваат дека во оваа фаза од пандемијата бојкот на пописот ќе биде катастрофален за јавното здравје.