Македонија
10. October 2023 - 19:52

Формирање на македонско знаме со 1200 ученици во Прилеп

По повод големиот национален празник 11 Октомври 1.200 деца од сите основни и средни училишта го формираа македонското знаме со големина од 24 на 12 метри на плоштадот Методија Андонов Ченто во центарот на градот. Оваа традиција во Прилеп се возобновува по 5 години пауза.

„Ја збогатуваме оваа програма за уште еден настан, а тоа е формирање на македонското знаме од 1.200 ученици од сите основни и средни училишта кои видовте во какво расположение и со каква енергија дечињата го формираат тоа знаме. Со тоа искажуваме голема љубов кон Македонија“, вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Наставниците кои како координатори учествуваа во настанот велат дека искуството им помогнало овој перформанс да го извежбаат за само еден ден. Потенцираа дека децата треба да се учат да ги почитуваат симболите на државата како знамето, химната и грбот уште од најмали нозе, токму затоа побараа секој понеделник во сите училишта во Прилеп да има подигнување на знамето и интонирање на химната.

„И се надевам дека и како предлог еве би им дал до Општината секој понеделник во секое основно и секое средно училиште да се интонира химната, тоа го имавме порано. И добро би било да се подигнува знамето на јарболите. Во некои училишта порано се постројувавме и влегуваме по редици, јас мислам дека е добро да се обнови тоа повторно во нашата општина и да бидеме први во тоа. Тоа го прават во Европа, во САД, се надевам дека и ние ќе го всадиме тоа уште од најмали нозе кај децата да ги почитуваат химната и знамето на Македонија“, вели Златко Думбалоски, наставник, дел од организацијата на настанот.

Инаку годинава се одбележуваат 82 години од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор. Чествувањето започнува вечер со пригодна програма, огномет и импровизира напад на градот, а утре ќе има полоѓување цвеќе и оддавање почит пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски Питу и Могилата на Непобедените.