Македонија
24. October 2024 - 16:53

Фон Дер Лајен од Скопје: Проширувањето ќе остане врвен приоритет за ек во следните пет години

Проширувањето ќе остане врвен приоритет за ЕК во следните пет години, но уставните измени мора да се случат онака како што сме се согласиле – ова е пораката која шефицата на ЕК Урсула фон дер Лајен од Скопје и ја испрати на македонската влада. Ја поздрави заложбата за интеграциите и досега сработеното, но не одговори дали за Брисел е прифатлив планот на премиерот Мицкоски за уставни измени со одложено дејство. 

„Речиси сме таму. Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презеде како суверена држава на секој дел од патот. За мене е важно дека имаме јасна цел. Работам колку што можам за да ги отворам преговорите за првиот кластер ‘Фундаментални вредности’. Уставните промени треба да се направат и тоа е важно за мене. Важно е да бидеме успешни и затоа сакав да ве уверам дека ќе бидеме со вас на секој дел од патот за да стигнеме  до заедничката цел. Мене ми е важно да не се вртиме многу назад туку кон иднината и да го пишуваме следното поглавје од нашата заедничка иднина – заедно“, рече Лајен на прес-конференцијата.

Премиерот Мицкоски дециден дека визијата на Македонија е јасна - да бидеме дел од европското семејство како полноправна членка. Но и порача на Фон дер Лајен дека очекуваме ЕУ да го препознае нашиот напредок и да го вреднува. 

Владата високо ја цени заложбата на претседателката на ЕК за проширување на ЕУ во најскоро време. Во овие сменети геополитички услови ние остануваме сигурен, стабилен и посветен партнер на ЕУ. Затоа ја повикуваме ЕК заедно со нас да помогне во изнаоѓање начини како да го продолжиме европскиот пат, уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во спротивност со идеите и вредностите на кои почива ЕУ“, рече Мицкоски.

Во фокусот на разговорите освен уставните измени и реформскиот процес, бил и планот за раст тежок 6 милијарди евра од кои Македонија ќе добие 750 милиони евра... 

По средбите во влада, Фон Дер Лајен се сретна и со претседателката Силјановска Давкова, на која порачала  дека македонските институции во повеќе области се подготвени за забрзана интеграција. Претседателката ја истакнала и потребата од засилена поддршка од страна на европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите.

Ова е прва посета на Урсула Фон Дер Лајен на земјите од Западен Балкан откако го доби вториот мандат да ја води институцијата, но и по одвојувањето на Албанија од Македонија на интегративниот пат. 

Македонија беше втора на набиената агенда од четиридневната турнеја на Фон дер лајен на Западен Балкан. Оттука продолжува на средби во челниците во босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора.