Македонија
18. May 2019 - 19:36

Фолклористите на конгрес во Битола

Битола деновиве е домаќин на конгресот на светската фолклорна организација ЦИОФФ сектор за Јужна Европа, а учествуваат делегации од сите 15 земји членки. Целта на овој конгрес е да се разговара за грижата за нематеријалното културно наследство, фолклорот и традициите. Оваа организација, како сојуз на фолклорни фестивали е од големо значење.

-Бидејќи се презентира и се претставува одреден регион или држава со она што е највредното, а што има повредно од културното обележје. Македонскиот фолклор е еден од столбовите на обележјето на македонската нација, а за право на вистината многу сме ценети, ако не бевме толку ценети немаше да биде овој конгрес во Македонија, истакна АНТОНИЈО ДИМИТРОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЦИОФФ МАКЕДОНИЈА.

Претседателката на ЦИОФФ, сектор Јужна Европа вели дека е запозната со македонскиот фолклор преку друштвата кои настапуваат низ светот.

-Македонските групи ја негуваат традицијата, имаат автентични ора и танци. Вина е на самите фестивали кои што не додаваат доволно простор за доволно прикажување на она што го презентираат како фолклор, вели АНА МАРИА БОИЛО, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЦИОФФ СЕКТОР ЈУЖНА ЕВРОПА.

ЦИОФФ е во официјално партнерство со УНЕСКО со цел заштита на нематеријалното културно наследство. За едно оро или песна да се заштити под УНЕСКО е сложена процедура, но затоа владата која ја пополнува апликацијата до комисијата на УНЕСКО мора да соработува повеќе со локалните средини.

-Села, маалски делови од градот, каде се развивале тие, се зачувале автентични како што биле, локалните средини мора да се трудат да ги презентараат на владата за да ја изработи апликацијата и да аплицира во УНЕСКО, изјави МАГДАЛЕНА ТОВОРНИК, ПРЕТСТАВНИК НА УНЕСКО ВО ЦИОФФ.

Токму на концертот вечерва ќе се изведе „Копачка“ од делчевско Драмче, единственото оро од нашата земја заштитено од УНЕСКО како нематеријално културно наследство.