Фудбал
21. November 2015 - 15:13

ФК Вардар го доби својот нов дом: Свечено пуштен во употреба новиот тренинг центар

 
 
Во присуство на бројни гости од државниот и фудбалскиот врв во земјава, како и сите структури инволвирани во клубот, денеска свечено беше пуштен во употреба новиот тренинг камп на најтрофејниот колектив во историјата на македонскиот фудбал, Вардар
 
Со изградбата на овој капитален објект во вредност од 4 милиони евра, реализиран според моделот на јавно-приватно партнерство, фудбалерите од првиот тим на Вардар добија современ тренинг комплекс, по примерот на најголемите клубови во Европа. Во рамките на објектот влегуваат две тренинг игралишта, од кои едното со вештачка, а другото со природна трева и најсовремен дренажен систем, зграда со простории за дневен престој на играчите и соба за анализа на противниците.
 
На денешната свечена церемонија, пред присутните се обратија сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко и претседателот на владата на Република Македонија, Никола Груевски.
 
„Ние одиме чекор по чекор според нашата зацртана цел. По изградбата на спортскиот центар ‘Јане Сандански’ кој го користат нашите ракометните клубови, со пуштањето во употреба на овој објект ги обезбедивме сите неопходни услови и за првиот тим на ФК Вардар. Овој комплекс кој е изграден според највисоките европски стандарди на нашите играчи ќе им го овозможи сето она што им е потребно за постигнување на врвни резултати. Следниот објект кој ќе го пуштиме во употреба се фудбалските терените и Академијата во градскиот парк предвидени за децата од нашата младинската школа. Со тоа ќе ги покриеме сите категории и ќе ги имаме најдобрите услови за работа не само во Македонија и регионот, туку Вардар ќе биде еден позитивен пример за сите и во континентални рамки“, потенцираше Самсоненко.
 
Благодарност од успешната меѓусебна соработка, изрази и премиерот Груевски, кој нагласи дека со изградбата на овој комплекс ФК Вардар, по примерот на ракометните екипи, набргу би можел да се вивне во европските височини:
 
„Имам големо задоволство да поздравам уште една голема инвестиција во македонскиот спорт. Вардар е најголемиот фудбалски бренд на Македонија и овој тренинг центар кој денес свечено го пуштаме во употреба, кој во иднина ќе служи за развој на македонскиот фудбал. Затоа дозволете да му се заблагодарам на човекот без чија инвестиција ова немаше да биде возможно. Господинот Самсоненко и досега многу пати докажа дека е голем пријател и поддржувач на македонскиот клупски ракомет и фудбал. Ние како влада имавме големо задоволство да го помогнеме овој проект кој претставува трајно добро за целото општество. Со ваков современ тренинг центар, каков што немаат голем број екипи на Балканот, верувам дека ФК Вардар ќе има реални шанси во блиска иднина да обезбеди пласман во Лигата на шампионите, а тоа секако ќе има позитивен ефект и за репрезентацијата на Македонија“,нагласи меѓу другото, првиот човек во македонската влада.
 
По свечениот чин на пресекувањето на црвената лента, фудбалерите на Вардар имаа прилика одблизу да ги видат просториите во нивниот нов дом, по што отпатуваа за Турново каде што утре ќе го играат натпреварот од  15. првенствено коло