Бизнис
2. January 2019 - 19:38

Фирмите кои купуваат струја на слободен пазар плаќаат за 20 до 30% поевтино

За 20-30% поевтина струја за фирмите се нуди на слободниот пазар. Од Регулаторната комисија за енергетика информираат дека корисниците на индустриска струја веќе се префрлаат на слободниот пазар. За домаќинствата велат дека е поекономично да останат на регулираниот пазар. Со новата година стартуваше и целосната либерализација. Сега секој потрошувач може да одбере од која фирма ќе купува струја.

“Снабдувачите со електрична енергија особено се активни кај комерцијалните потрошувачи. Имајќи предвид дека нивните трошоци во моментов се највисоки и имаат највисока цена на регулираниот пазар, снабдувачите со електрична енергија точно ги имаат таргетирано овие потрошувачи. За жал снабдувачите сè уште не се заинтересирани да ги снабдуваат домаќинствата, имајќи предвид дека цената за домаќинствата на регулираниот пазар е релативно ниска”, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Регулаторна очекува кон крајот на јануари да се одржи аукција за избор на универзален снабдувач, на која што ќе учествуваат двете пријавени компании, ЕЛЕМ Трејд и ЕВН Снабдување.

“Според системот за јавни набавки, ќе има аукција каде што и двете компании нема да наддаваат, туку ќе поддаваат. Кој ќе понуди пониска маржа, тој ќе добие. Почетна ќе биде пониската маржа од 14,4%, понудена од ЕВН Снабдување. Постигнатата маржа ќе биде обврзувачка за Регулаторната комисија при формирање на цените во наредните 5 години”, објаснува Бислимовски.

Во Македонија има околу 80.000 индустриски и комерцијални потрошувачи и 600.000 домаќинства. На слободниот пазар постојат 8 активни снабдувачи со струја. Од вкупната потрошувачка на електрична енергија, меѓу 40% и 45% се купува на слободниот пазар, што е највисок процент во регионот.