Бизнис
15. јуни 2019 - 16:28

,,ФИЧ‘‘ го зголеми кредитниот рејтинг, за власта ова е потврда за добрата економска политика

Кредитната агенција „Фич“ по три години го врати кредитниот рејтинг на земјава на ББ+, откако беше намален поради политичката криза. Сепак, за „Фич“ повторно политичката ситуација е најважна за понатамошно задржување на кредитниот рејтинг.

Главни ризици кои може да доведат до намалување на кредитниот рејтинг се:

-Негативни политички случувања кои влијаат на стандардите за управување и економијата.

- Фискално пропаѓање или кристализација на потенцијални обврски што го зголемуваат ризикот за одржливоста на јавните финансии.

 - Проширување на дефицитот што врши притисок врз девизните резерви и/или девизниот курс во однос на еврото.

Според министерот Тевдовски, зголемување на рејтингот било потврда за исправноста на политиките на Владата. Вели дека токму зголемениот кредитен рејтинг ќе го зголеми бројот на странски инвестиции во земјава.

-Нашиот кредитен рејтинг сега е зголемен. Тоа значи дека тоа позитивно ќе влијае врз нивните одлуки да вложуваат во нашата земја. Тоа значи дека можеме да очекуваме дека ќе има поголем прилив на инвестиции, дека ќе се отвораат повеќе работни места. Тоа значи дека ќе се зголеми вработеноста, ќе расте извозот, ќе имаме повисок економски раст, а тоа директно ќе влијае и на зголемување на животниот стандард на граѓаните, вели министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Од Финансии велат дека проекциите за економскиот раст на Фич и на Министерството се многу слични.

-Во делот на фискалната политика Фич очекува буџетски дефицит кој е речиси ист со оној на Министерството за финансии за оваа и за наредната година. Прекциите за државниот долг се во линија што укажува дека Министерството и Владата ја базираат својата политика на реалистични проекции, вели советникот на министерот Тевдовски, Рилинг Кабаши.

Тевдовски вели дека токму извештајот на Фич е најголем доказ за неговата посветеност на реформите.

Иако за 15тина дена треба да почне мерката за повраток на ДДВ, од министерството се уште нема информации како тоа ќе се спроведе. Сепак, Тевдовски тврди дека се тече според плановите и дека навреме ќе почне враќањето данок на граѓаните.