Кошарка
13. August 2015 - 9:34

Европско првенство Б дивизија за кошаркарки во Охрид и во Струга

Охрид и Струга од денеска до 23 август ќе бидат домаќини на Европското првенство (дивизија Б) за кошаркарки до 16 години.
 
Според програмата, на првенството ќе учествуваат дваесет селекции, поделени во четири групи, од кои групите А и Б ќе се играат во Спортската арена „Билјанини Извори“, додека групите Ц и Д натпреварите ќе ги играат во Струга во Спортската сала „Тими“.
Македонија се наоѓа во групата Д заедно со селекциите на Литванија, Финска, Белорусија и со Израел. Првиот натпревар Македонија вечерва го игра против Белорусија со почеток во 18:45 часот во Струга.
 
Во првата фаза од денеска до 17 август, репрезентациите ќе ја одиграат првата рунда на шампионатот, односно натпреварите по групи. Во оваа фаза ќе се играат дневно по четири натпревари и во Охрид и во Струга, со термините од 14:15 часот, 16:30, 18:45 и 21:00 часот.
 
По крајот на првата фаза ќе бидат формирани нови пет групи. Во групите Е и Ф ќе играат двете најдобри селекции од секоја од четирите групи од првата фаза, групите Г и Х ќе бидат составени од трето и четвртопласираните селекции од првата рунда, а во групата И ќе играат последно пласираните репрезентации од првата рунда.
 
Трите најдобри селекции на ЕП во Охрид и Струга обезбедуваат пласман во елитната А дивизија.