Бизнис
10. October 2016 - 18:55

Ердоган: Продолжува реализацијата на проектот „Турски поток“

До крајот на 2016 и во текот на 2017 година, Турција ќе преземе значајни чекори во енергетската сфера, меѓу кои е и проектот за изградба на гасоводот „Турски поток“, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. 

- Турција заедно со Русија продолжува да работи на реализација на проектот „Турски поток“ и на него гледа позитивно, истакна Ердоган на обраќањето на почетокот на Светскиот енергетски конгрес, што се одржува во Истанбул.

Како што јави ТАСС, Ердоган нагласи дека реализацијата на проектот „Турски поток“ продолжува, додавајќи дека изградбата на втората етапа од овој гасовод ќе зависи од условите на европскиот пазар за природен гас.   

Тој нагалси и дека цел на Турција е 10 проценти од нејзините потреби за електрична енергија да ги задоволува од атомски централи, па затоа бара начини за изградба и на трета нуклеарка во земјата.

На Конгерсот присуствува и рускиот претседател Владимир Путин, кој во обраќањето изјави дека Русија, иако не е членка на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), сепак е подготвена да ги спроведува мерките на картелот за ограничување на производството на овој енергенс, како единствен начин да се обезбеди баланс на нафтениот пазар по подолгиот период на ниски цени на „црното злато“.

Владимир Путин

- Во овој момент сметаме дека замрзнувањето или намалувањето на производтавото на нафта е единствен начин за одржување на стабилноста на енергетскиот сектор и за забрзување на опоравувањето на нафтениот пазар, рече Путин.

Рускиот претседател нагласи и дека Русија очекува на состаникот со ОПЕК, предвиден за следниот месец, да биде постигнат и конкретен договор за стабилизација на нафтениот пазар.

Во рамки на престојот во Истанбул, предвидено е Путин да има и билатерална средба со Ердоган, на која ќе се разговара за руско-турските односи и за повеќе регионални и меѓународни проблеми.

Како што соопшти Кремљ, за време на посетата предвидено е и потпишување на повеќе билатерални договори, а Путин ќе учествува и на состанокот на Мешовитата руско-турска комисија за економска соработка.

Посетата на рускиот претседател на Истанбул доаѓа по деветмесечна криза во односите меѓу Москва и Анкара, поради соборувањето на рускииот воен авион од страна на турските вооружени сили над границата со Сирија во ноември минатата година. Во август Путин и Ердоган, кој пред тоа се извини за соборувањето на авионот, го „стопија мразот“ и ја обновија билатералната соработка.

Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин

Аналитичарите проценуваат дека за Анкара посетата на Путин е особено важна од економска гледна точка, бидејќи меѓу остантите се очекува да биде потпишан и договорот за проектот „Турски поток“, кој ќе и овозможи на Турција да стане гасен дистрибутивен центар на Балканот.