ЕП У-16: Македонија на крајот 12-та
Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија го заврши настапот на ЕП во Удине Италија на 12. Место по последните два дуели со Словенија и Израел.
По победата над БиХ нашата селекција избори опстанок во А-дивизијата и разигруваше за пласман на 9. Место со селекциите на Словенија и Израел.
Во двете средби бевме поразени, синоќа од Словенија со 87-80 за да претпладнево по вторпат на првенството ги одмериме силите со селекцијата на Израел која на крајот се радуваше на победа од 83-72 со што го освои 11. Место.
Интересно и на оваа средба одигравме солидни три четвртини и дозволивме катастрофален пад во последната четвртина која Израелците ја добија со 25-11 за да се радуваат на успехот. Филип Наков се истакна на оваа средба со 20 поени и 9 скока.
Македонија ја оствари целта на првенството обезбеди опстанок во елитата остварувајќи две победи и 5 порази. Селекторот Дервишевиќ и овие млади кошаркари покажаа дека има простор за развој на македонската кошарка во наредните неколку сезони и враќање на мак-баскетот на старите патеки. Ништо нема да се смени доколку клубовите не најдат начин да ги вклопат надежите во своите редови и пронајдат модус како заедно да напредуваат не само во домашниот шампионат туку и на меѓународната сцена.
На шампионатот во Удине денеска се играат полуфиналните дуели Италија – Русија и Шпанија – Франција.
-
Зоран Николовски
Сите содржини од овој новинар