Бизнис
8. March 2019 - 19:44

Експерти: Од обновливи извори да се користи сонцето, вода и ветер нема доволно

Земјава да го искористи потенцијалот на сонцето за производство на струја, со оглед на тоа што имаме 280 сончеви денови, а немаме многу вода и ветер, тврдат експертите за енергетика. Обновливите извори на енергија ќе помогнат во процесот на исфрлање на јагленот од производството на струја. До 2050 година цела Европа ќе треба да го заврши процесот на декарбонизација каде 95 проценти ќе треба да се произведува од обновливи извори. Германија е лидер, но и таа е бавна.

- Западен Балкан го потпира електроенергетскиот систем на застарени термоелектрани на јаглен. Затоа владите на овие земји, вклучувајќи ја и нашата треба да донесат големи одлуки  во  наредната декада за модернизација или замена на 50 отсто од термоелектраните, изјави претседателката на МАЦЕФ, Јасминка Димитрова Капац.

И од европската Енергетска заедница посочи дека земјава не ја третира соодветно енергетската ефикасност, недостасуваат био-горива, а се доцни и со гасификацијата. Тие не очекуваат земјава да ја исполни зацртаната цел, 23 отсто од вкупното производство на струјата да се добива од обновливи извори. Претходно, овој таргет беше намален од 28 проценти.

Од Владата велат дека со новиот Закон за енергетика се отвори простор за инвестиции во обновливи извори. Ќе се инсталираат колкушто е можно повеќе фотоволтаици за да се добие повеќе енергија.