Бизнис
8. October 2020 - 21:19

Економските последици од коронакризата стануваат се посериозни

Економскиот модел, кој е дарежлив во јавната потрошувачка преку субвенции и даночни ослободувања, не е одржлив. Државата мора да одреди нови приоритети каде да ги троши јавните пари, да зајакнат приходите и да се скратат непотребните трошоци. Ова го пишува Светска банка во најновиот извештај, каде се предвидува зголемување на бројот на сиромашни во земјава и се алармира на зголемување на јавниот долг. Министерот за финансии Бесими вели – свесен сум и загрижен. Буџетски дефицит од скоро милијарда евра немало никогаш. Но мора да им помогнеме на граѓаните и фирмите полесно да ја пребродат ковид кризата.

- Ова е невообичаена ситуација кога ќе биде запишана и во школските книги. Ова е еден од најголемите дефицити и јас тоа не го кријам. Свесен сум за сериозноста, не сум само загрижен, туку имам и одговорност пред народот. Ова е највисок дефицит до сега, јас тоа не го кријам, но мора да им ја кажеме вистината на граѓаните. До сега вакви лоши бројки, толкав пад на економијата, немало, изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.

Ковид кризата ја запре економската  активност, некои фирми ставија и клуч на врата, се ограничи движењето, се зголеми невработеноста. Оваа ситуација е далеку посериозна и поголема од светската финасиска криза. Но сите земји реагираа со вбризгување пари во стопанството, и ги зголемија дефицитите. Просекот во земјите членки на Унијата е 8,4 отсто, вели Бесими, кој очекува подобри бројки до крајот на годината.

- Очекувам четвртиот сет мерки да го даде својот ефект до крајот на годината и потоа да имаме подобра 2021 година, додава Бесими.

Исплата на минимална плата за да се задражат сите вработени на работа, платежни картички за невработените и пензионерите, евтини и бескаматни кредити, даночни ослободувања за фирмите се само дел од четвртиот сет мерки, вреден 470 милиони евра. За да се обезбедат овие пари, државата за ребалансот ќе ги скрати парите од нереализираните проекти и ќе се задолжува на домашниот пазар. Со тоа, буџетскиот дефицит ќе достигне 8,4% или 920 милиони евра.