Балкан
6. March 2018 - 13:40

ЕК очекува Грција и Турција да се договорат како „добри соседи“

Европската комисија денеска соопшти дека очекува Грција и Турција како „добри соседи“ да го надминат проблемот со двајцата грчки војници што минатата недела беа приведени, откако преминаа на турска територија.

Комисијата нагласи дека се надева на брза и позитивна разврска на проблемот во духот на добрососедските односи, како и во многу претходни слуачи на спор меѓу двете земји кои се членки на НАТО.

Реакцијата на Еврокомисијата доаѓа откако грчкиот министер за одбрана Панос Каменос изјави дека ова прашање се однесува и на Европската унија и најави дека за случајот ќе ги информира неговите колеги од земјите членки на ЕУ на денешниот состанок во Брисел.

- Тоа е прашање што се однесува и на Европската унија. Двајцата грчки војници патролираа во област во која имаме нелегален влез на бегалци и мигранти и активности на криумчари. Следејќи конкретни знаци кои ќе ги одведеа до нелегални мигранти што влегуваа во земјата од тој дел, тие преминаа неколку метри на турска територија и беа уапсени, изјави Каменос во Брисел.

Каменос

Тој нагласи дека за случајот веќе разговарал со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, а дека ќе го извести и НАТО бидејќи и „Турција и Грција се членки на Северноатлантската алијанса“.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас вчера изјави дека Турција треба да ги спроведе предвидените одредби од меѓународното право и „еден вообичаен процес да не го претвори во голем правен и политички проблем“.

Како што претходно јави МИА, грчкиот Генералштаб соопшти дека двајцата грчки војници во петокот при патролирање долж границата во реонот на реката Маеица, поради лошите временски услови, се изгубиле и навлегле на турска територија.

Двајцата војници беа упсени од турска воен патрола и сега се наоѓаат во притвор во турскиот град Едрене. Турски суд вчера го отфрли барање за нивно ослободување од притвор и за префрлање во објектот на Грчкиот конзулат, каде би го чекале судењето. 

Турското обвинителство ги товари двајцата грчки војници за шпионажа.