Бизнис
9. November 2018 - 19:39

ЕК ја намали прогнозата за растот на македонската економија

И Европската комисија ги намали очекувањата за економски раст во земјава, од 3,1% на 2,1%. Според нивниот извештај, политичката состојба во земјава и слабата реализација на капиталните инвестиции се клучни фактори за неостварливиот првично проектиран раст. Политичката неизвесност влијае за одложување на одлуките за инвестирање, а од планираните капитални проекти се реализираа само 23%.

Според прогнозите на Европската комисија, стапката на раст ќе заздравува во следните години, но со забавено темпо. Очекуваат идната година растот да достигне 2,8%, а дури во 2020-тата ќе изнесува 3,1%.

Растот во земјава, иако се реализира во далеку помал процент од планираното, во најголема мера е придвижен од зголемениот извоз. Комисијата очекува дека во следните две години извозот ќе продолжи да расте.

Прогнозираат зголемување на стапката на вработеност, но и на висината на платите.

Во извештајот се констатира дека иaкo јавниот и државниот долг, како процент од БДП, лани се намалиле, годинава пак е забележан раст што ќе продолжи во следните две години. ЕК прогнозира дека долгот ќе се зголеми повеќе отколку што се очекува во Владините проекции.

Реакции по објавениот извештај има и од најголемата опозициска партија.

“Република Македонија на крајот на годината ќе има убедливо најлош раст на БДП во регионот. За жал сликата ќе биде иста како и минатата година, сите земји од регионот ќе се пред нас, а ние ќе сме убедливо на дното. Од земја која беше лидер во регионот во економска политика, сега се тркаламе на дното. Некој мора да понесе одговорност за лошата економска ситуација во државата. Тевдовски мора да поднесе оставка уште веднаш бидејќи резултатот од неговите лоши политики е евидентен”, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред Европската комисија, очекувањата за економски раст на земјава ги намалија речиси сите меѓународни институции, но и НБРМ, чија проекција за раст од 3,2% е корегирана на 2,3%.