Македонија
6. August 2017 - 12:42

Џафери ги распиша Локалните избори за 15 октомври 2017

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска, согласно со роковите утврдени со Изборниот законик, го потпиша Решението за распишување на Локалните избори за членови на советите на општините и советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на Градот Скопје за 15 октомври 2017. 

- Според законските одредби, локалните избори ќе се одржат на 15 октомври (недела) 2017 година. Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до органот за спроведување на изборите, Државната изборна комисија на Република Македонија. Апелирам до сите учесници во изборниот процес, во периодот пред денот на изборите  и на самиот ден на изборите, да се однесуваат во согласност со Уставот и законските одредби, а надлежните институции да обезбедат целиот изборен процес и самиот изборен ден да протечат во мирна, фер и демократска атмосфера, така како што заслужуваат почитуваните граѓани на Република Македонија, изјави Џафери по потпишувањето на Решението во неговиот Кабинет.

Бидејќи изборната кампања ќе почне 20 дена пред денот на одржување на изборите, Џафери соопшти дека во тој период Парламентот ќе работи меѓутоа нема да има пленарни седници.

- Тоа е така со цел пратениците да имаат можност да се посветат целосно на изборната кампања, а во исто време да се одбегне можноста собраниските седници да се претворат во предизборна кампања, рече претседателот на Собранието на РМ.