Македонија
31. July 2015 - 16:41

Двојниот убиец од скопско Козле не заминал со празни раце

Двојниот убиец од скопско Козле не заминал со празни раце. Извори од истрагата откриваат дека тој најверојатно со себе земал мала торбичка во која биле двете патни исправи на убиените турски државјани и неколку парчиња златен накит. Но мотивот не бил грабеж зашто од првиот спрат на куќата не недостасувало ништо друго.

Три дена по убиството се уште нема осомничени лица. Мотивите се бараат во повеќе насоки меѓу кои се и крвна одмазда, семејни недоразбирања, нерасчистени долгови, криминал.

Спротивно на првичните тврдења дека и мајката и синот од Турција по убиството биле посипани со бело брашно, добро упатен извор вели дека ваква порака била оставена единствено на телото на синот.

Истрагата ги проверува и мобилните телефони на жртвите за да му влезе во траг на извршителот. Убиената Ѓулчин Ерчобан последен пат контактирала со лице од Турција.

Извори за Сител вчера открија дека според методот на кој е извршено двојното убиство, убиецот најверојатно е професионалец кој добро го познавал теренот и околностите. Постојат индиции дека најпрво ја застрелал мајакта, ги одвртел светилките во куќата за да се осигура дека ќе може да се крие и дејствува во комплетен мрак а потоа го почекал да се врати во куќата и го застрелал и 29 годишниот Самет Селџук.

Двајцата биле убиени од исто оружје па истрагата води кон тоа дека се работи за само еден извршител.