Македонија
31. January 2017 - 10:35

Две дела на Томислав Османли објавени во „Књижевна сехара“

Македонскиот прозен и драмски автор Томислав Османли со објавата на биографијата и дел од романот „Дваесет и првиот“ и со прозната фантазија „Океан од слики“ е претставен во најновиот број на меѓународното електронско списание „Књижевна сехара“, со редакција лоцирана во Сараево.

Во рубриката „Роман“ заедно со биографијата на македонскиот автор, кој со своите уметнички објави е се поприсутен во медиумите во регионот и пошироко, објавен е превод на босански јазик на дел од наградениот роман „Дваесет и првиот“ (книга на фантазми). Во наредната рубрика „Расказ“ публикувана е прозната фантазија „Океан од слики“. Првата објава на оваа нова проза на македонскиот писател во избор и превод на Билјана Билјановска беше објавен на италијански јазик, во е-списанието „BombaGiu“.

Одломката од романот „Дваесет и првиот“ на хрватски јазик ја преведе уредничката на списанието Јасна Шамиќ, а расказот „Океан од слики“ авторот Томислав Османли изворно го напиша на српкохрватски, како што е и објавен во електронското списание за литературата на Балканот.

„Књижевна сехара“ го носи поднасловот „Списание за литературата на Балканот“, иако донесува и текстови од пошироките книжевни простори. Списанието кое се појавува шест години, го уредува писателката и поранешна професорка на сараевскиот универзитет Јасна Шамиќ, романистка и ориенталистка која од 1992 година живее и работи во Париз.