Како линеарното покачување на пензиите ќе влијае врз ПИОМ?
Пензионерите добија 2.500 денари линеарно покачување на пензиите. Во март ќе добијат дополнителни 2.500 денари, со што минималната пензија, која ја добиваат нешто повеќе од половина од пензионерите, тогаш ќе се зголеми на 18.200 денари.
Но Фондот за пензиско осигурување постојано е во дефицит. Секоја година дупката на ПИОМ се покрива со пари од џебот на сите граѓани. Според одредени пресметки, на секои три месеци државата ќе треба да издвоијува по 40 милиони евра за да покрие првото линеарно покачување.
Како ова ќе влијае на идните пензионери? Експертите се поделени. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели, мерката е популистичка за да се добијат симпатиите кај најсиромашните пензионери. Вели, пензиите треба да бидат пропорционални со придонесите. Во спротивно, државата ќе направи урамниловка на сите пензии кои се исплаќаат.
-Ова треба да биде инструмент на социјалната политика, а не да се деформира тоа начело на пропорционално зголемување. Се прави преседан што ги ремети односите што се добиени при стекнување на пензиите, пропорционални на тоа што луѓето го придонеле во Фондот додека работеле, вели Хајредини.
Хајредини предупредува, самата демографија не оди во прилог на ПИОМ. Ако во минатото на еден пензионер имало тројца вработени, сега таа бројка е двајца вработени и тоа дополнително ќе се намалува.
Но не сите се песимисти. Поранешната директорка на Фондот Билјана Јовановска вели, ако расте економијата – ПИОМ нема да проблеми во иднина. Но државата ќе мора да работи за да ја сузбие сивата економија.
-Исплатата на сегашната и идните пензии зависи од политиките на Владата. Односно, од намалување на сивата економија, зголемување на бројот на вработувања, односно бројот на осигуреници. Исто така политика и одлука е на владата е дали ќе го зголеми придонесот за пензиско осигурување, што е популарно кај работодавачите, дали ќе ја зголеми старосната граница што не е популарно кај нашите сограѓани, вели Јовановска.
Дупката во ПИОМ главно е направена со воведувањето на приватните фондови, но и мерките со кои работодавачите беа ослободувани од плаќање на придонесите. Фондот годишно 6% од придонесите ги уплаќа таму, и тоа влијае на зголемување на дупката. Но Јовановска вели, токму приватните фондови ќе го „спасат“ ПИОМ.
-Некаде во 2035 година, најдоцна, ќе почне исплатата на пензиите и од приватните пензиски фондови и сметам дека тогаш, буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување нема да има дефицит, односно нема да има потреба од дополнување на буџетот од централниот буџет, но под услов ако се развива економијата, ако се зголемуваат вработувањата во државата и се искорени сивата економија, вели Јовановска.
Во 2017 година дефицитот на ПИОМ беше 43%. Со донесената методологија за раст на пензиите во зависност од растот на просечната плата и трошоците на живот, дупката стигна до 33%. Очекувањата на моменталното раководство во ПИОМ е дефицитот да се стабилизира на под 37% до крајот на годината.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар