Македонија
25. March 2020 - 20:15

Двајца заразени со корона вирус во Прилеп

За прв пат од појавата на пандемијата денеска корона вирусот е регистриран и кај 2 лица од Прилеп. Станува збор за двајца сопружници кои се над 60 години и кои итно се префрлени на Инфективната клиника во Скопје.

Од Центарот за јавно здравје од Прилеп велат дека во овој момент се правземаат сите потребни мерки и протоколи и се контактирало со сите граѓани со кои заразените со Ковид 19 имале средби и некаков контакт.

Градоначалникот на Прилеп пак истакна дека двајцата прилепчани се во добра здравствена состојба и дека им е пружена адекватна здравствена помош. Им посака побрзо оздравување.

„Да ги охрабрам сите оние кои имале и најмал контакт со потенцијални преносители, да се пријават за да можат надлежните здравствени работници побрзо да реагираат. Тоа се наши сограѓани. Секому може да му се случи ова. Но, мораме да бидеме крајно внимателни и одговорни, и кон себе и кон другите. Меѓутоа, да не ги стигматизираме и обвинуваме, ами да ги поддржиме и охрабриме“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

По оваа новонастаната состојба во Прилеп се заострија превентивните мерки во борбата со пандемијата. Засилени се контролите на автомобилите на сите четири влезови во градот, при што се врши дезинфекција на секое возило. Дезинфекција се вршеше и на улиците во градот, а истото ќе биде направено и во населените места. Како превентивна мерка продолжува забраната за Јавниот градски превоз, а од утре ќе биде затворен и Градскиот пазар во Прилеп.

Инаку во Прилеп во овој момент 176 лица се во самоизолација. А синоќа 2 лица заработиле кривични пријави поради нарушување на полицискиот час.