Македонија
21. February 2024 - 19:53

Дури трае изборниот процес нема да се избираат нови судии и претседател на суд

Дури трае изборниот процес нема да се избираат нови судии и претседател на суд, а и разрешувањето на судии, се става во мирување. Со шест гласа за и три против, оваа одлука денеска ја донесе мнозинството на Судскиот совет.

Но на одлуката и претходеше расправа во која судиите членови имаа спротивставени мислења.

Едни сметаа дека поради изборите не треба да се стави клуч на врата на Судскиот совет бидејќи тие се независно тело. Во судовите има и онака недостиг на судии, а доколку некој судија работи несовесно истиот треба да биде разрешен, а не да се чека да поминат изборите а за тоа време тој да продолжи со работата.

Други пак велат, праксата со години на Судскиот совет е да ги стави во мирување именувањето и разрешувањето на судии за време на изборен процес, да не се доведе јавноста во заблуда дека тие се корумпирани.

Во Судскиот совет треба да се пополнат местата со уште двајца членови, но на следната седница членовите допрва ќе одлучуваат дали и оваа одлука ќе ја остават за после избори. Повеќето од нив предупредија дека ова тело и сега има потешкотии во работата поради празните места на двајца членови и алармираа дека е итна постапката за именување на нови членови во нивното тело.