Македонија
20. February 2024 - 16:39

ДУИ ќе има свој кандидат за претседател, тоа нема да е Ахмети

Али Ахмети нема да се кандидира за претседател на државата. Ова го објавија и техничкиот премиер Џафери и министерот за политички систем Груби, двајцата од раковдството на ДУИ. Според Џафери и Груби, лидерот на партијата можел да ја има која било државничка функција доколку ја посакал, но тој  имал побитна мисија во политиката  – визионер.

- Господинот Ахмети има мисија, а не е претендент за функција колку што знам. И мислам дека нема да прифати да биде кандидат. Нема потреба тој да покажува кој е и колку е после 50 години свој придонес во нештата во оваа држава и за оваа држава и за граѓаните во оваа држава. Така што, негова мисија е Европа, Европска Унија и си работи на таа мисија…Не мислам дека му е приоритет натпреварот по однос на носењето на функција. Да сакал функција, можел да ја има која било функција во овие 23 години, кажа Џафери.

Груби пак, во интервју објави дека интегртивците сепак, самостојно ќе одат на претседателските избори, а одлуката ќе биде објавена деновиве имајќи пред вид дека 23 феверуари почнува собирањето на граѓанските потписи потребни за кандидатура. Тој коментираше и дека  Бујар Османи е одличен кандидат за претседател, но дека засега прашањето не е дискутирано во партиското тело.

Ова значи дека ДУИ ја одби понудата на Ковачевски, интегративците да го поддржат кандидатот за шеф на државата на СДСМ во име на европскиот фронт. Ковачевски вели дека не е загрижен за тоа.

Во СДСМ се уште како најсериозни кандидати фигурираат Пендаровски и Шеќеринска.  Таравари кој како против кандидат во албанскиот блок си го поскауваше Ахмети, сепак вели дека најголем предизвик во претседателската трка би му биле сепак Пендаровски.

Зависно од кампањата, реално и според анкетите само Пендаровски би можел да не предизвика во првиот круг, за тоа кој ќе влезе во вториот одлучувачки. Врз база на анкетите ВМРО ДПМНЕ е многу понапред. мислам дека имаме реални шанси да влеземе во вториот круг од претседателските избори. Доколку ДУИ и СДСМ одат со заеднички кандидат, тоа ќе ни ги зголеми шансите уште повеќе. А дали. ќе победиме на претседателските избори, тоа е тешка мисија сега за сега, да не речам, невозможна, кажа Тараври.

ВМРО-ДПМНЕ својот кандидат ќе го официјализира на конвенцијата на 2 март, најголеми шанси имаат професорите Силјановска и Спасеновски.

Да бидат дел од трката сакаат и Ванковска,како кандидат на левица и инфектологот Вело Макровски, но тие прво ќе мора да ги соберат потребните потписи.