Бизнис
22. January 2016 - 19:50

Домашна инвестиција од 20 милиони евра во Битола – Пуштена во употреба првата биогасна централа во Македонија

ЗК Пелагонија свечено ја пушти во употреба современата фарма за 2.000 молзни крави и првата биогасна централа во Македонија. Централата нуди најсовремено еколошко решение за искористување на арското ѓубре од фармата и фуражната пченка што ја произведува комбинатот. Со нивно ферментирање централата ќе произведува по 3 мегавати струја на час, односно доволно електрична енергија за 1.000 домаќинства или три поголеми индустриски капацитети или еден град со големина на Ресен.

Дизајнерските и проектните решенија, технологијата и опремата  што се употребува за производство на метан се набавени од компаниата „Рота Гвидо“ од Италија , додека опремата за производство на електрична  енергија се набавени од американскиот бренд за производство на генератори „Џенерал Електрикс“.

Министерот за земјоделие, Михаил Цветков, изрази надеж дека инвестициите во земјоделството ќе ја засилат динаминката, а инвеститорите ќе ги искористат средствата што им стојат на располагање во државниот буџет и ИПАРД програмата на Европската Унија.

ЗК Пелагонија планира изградба на уште една биогасна централа во село Породин, исто така со јачина од 3 мегават часови, како и на стакленици  на површина од 10 хектари, во кои ќе може целосно да се искористи топлината која се добива со ладењето на генраторите.