Македонија
22. јуни 2019 - 19:37

Дојран подготвен ги чека туристите во летната сезона

Дојран новата сезона ќе ја дочека подготвен. И покрај доцнењето на дел од подготовките и проектите  поради претседателските избори,  од локалната самоуправа велат дека навреме ќе бидат завршени неопходните активности. Дел од плажите веќе се дадени под закуп и за нивните содржини се задолжени концесионерите, а на еден дел уредувањето го работи општината. Годинава ќе биде уредена уште  една плажа со нови содржини и партерно и хортикултурно уредување,а дополнително сите постоечки ќе добијат и нов слој на песок.

,, Со санирањето на патеката и отворањето на нови плажи веќе добиваме еден друг лик во тој дел од градот. Самата општина има распишано тендер за попесочување на сите плажи во општина Дојран. Имаме предвидено некаде околу 400 кубика на песок поставување, дополнителни содржини и така што мислам дека оваа сезона ќе бидеме доста добро спремни и сите плажи  ќе бидат ставени во функција.,, вели АНГО АНГОВ – ГРАДОНАЧАЛНИК НА ДОЈРАН

Што се однесува до квалитетот на водата тој е на нивото од лани. Веќе биле направени неопходните анализи на водата од езерото, а добиените резултати покажале дека таа е со одличен квалитет и безбедна за капачите.

,, Веќе имаат пристигнато првите резултати и резултатите се добри. Водата е со одличен квалитет , втора категорија така што без проблем капачите може да се бањаат во самото езеро.,, вели АНГОВ

Според најавите од општината и оваа година Дојран ќе биде избор за голем број домашни, но и туристи од регионот. Но,  и покрај тоа што веќе се отворени неколку нови, сепак  главниот проблем и понатаму останува малиот број на сместувачки капацитети во однос на бројот на туристите кој последните неколку години е во пораст. Во моментов Дојран располага со нешто помалку од околу 7000 легла кои во шпицот на сезоната се 100% искористени.