Свет
15. March 2016 - 20:57

Договорени основните програмски цели за новата владејачка коалиција во Словачка

Четири политички партии во Словачка, предводени од Социјална демократија (СМЕР-СД) на премиерот Роберт Фицо, се договорија за програмските приоритети, вклучувајќи ги антикорупциските мерки и забрани за продажба на стратешкиот имот на државата, што би биле основа на новата Влада која би ја формирале.

Ова, како што јави дописникот на МИА, го соопшти актуелниот премиер Фицо, чија партија освои најмногу гласови на изборите минатата недела, но нема мнозинство за формирање нова Влада

Социјалдемократите се договараат за формирање нова влада со националистичката Словачка национална партија (СНС), Мрежа и партијата на унгарското малцинство Мост.

- Ние сме посветени за континуитет на проевропската и проатлантската ориентација на Словачка. Посебно внимание посветивме на антикорупциската програма, изјави Фицо, откако четирите партии ги потпишаа програмските приоритети.

Партиите се договорија за намалување на данокот на доход на компаниите од сегашните 22 на 21 проценти и за преиспитување на можностите за негово понатамошно кратење. Планирано е и укинување на плаќањето на данок во случај компаниите да работат со загуба.

Договорено е да се зголемат и средствата за образованието, поради најавениот штрајк на просветните работници. Според Фицо, по основите на програмата, ќе се разговара за одделните функции во Владата и Парламентот.

Владината коалиција би имала поддршка од 81 пратеник во 150-членото Собрание.

Смер-СД, која на изборите освои 28,28 проценти од гласовите,
на граѓаните им вети пораст на минималната плата до 500 евра и отворање на нови работни места и стабилни цени на производите.

Националистичката СНС акцентот го става на сопственоста и традиционалните вредности. Таа на изборите освои 8,64 проценти од гласовите. Во нејзината програма преовладува национализмот со противење на миграцијата и потенцирање на заштитата на народниот интерес.

Мост, која ги штити интересите на унгарското малцинство, на изборите освои 6,5 проценти. Оваа партија е прозападно ориентирана и е една од ретките, која ги поддржува бегалците.

Мрежа е нова политичка партија, која за време на предизборната кампања ја објави наводната корупција на владејачката СМЕР-СД и освои само 5,6 проценти од гласовите, што беше изненадување бидејќи се очекуваше таа да добие повеќе.