Македонија
5. May 2020 - 20:34

Доцни изградбата на експресниот пат Прилеп-Градско

Доцни изградбата на капиталниот инфраструктурен проект во прилепско, експресниот пат Прилеп-Градско. Иако тендерот за тоа кој ќе ја замени шпанската компанија „Рубау“, со која Владата го раскина договорот, требаше да биде распишан во првите месеци од оваа година сега од ЈП ДП со нови ветувања дека тендерот за преостанатиот дел од околу 70% за експресниот пат ќе биде распишан на почетокот од јуни. За доцнењето ја обвинуваат минатата Влада и компанијата „Рубау“ која ја градеше делницата Фариш-Дреново. Исто така сега детално се проектирал секој дел за да нема повеќе застој.

„Се трудеше на секој начин како да најде причина и изговор за некој анекс, за некои варијации, а уствари не можеа да ја завршат работата. Првите три месеци експропријациите ги завршив 100%, археологија 100%, еве викам работете. Зошто не работат? Подобро е да се проектираат некој месец повеќе, да биде добро проектирано за да може брзо да се гради. Како пример ќе се навратам на експресниот пат, е платен од Градско до Дреново, проектирањето е платено верувајте или не, 4.236.000 евра“, истакна Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.

Во моментов се реконструираат 10 км од постоeчкиот пат Прилеп-Градско, од Дреново до Фариш. Гребењето на стариот асфалт започна во март, а се очекувало до 20 мај да се заврши поставување на нов асфалт. За брзо се очекувало и тендер за реконструкција на целиот постоечки пат до Прилеп.

„Исто така ќе биде распишан тендер за многу брзо време за патот од Фариш до Прилеп, на тие 19 километри, односно делот на трите ленти, и паралелно на тоа исто така ќе биде распишан тендер, обезбедени се ИПА средства, за тие 4 километри односно каде што треба да се направи проширување на двете ленти, така да се она што во изминатиот период сме го зацртале како програма, ќе се реализира. Јас сум исклучително задоволен“, додаде Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Инаку во должина од 15 км. се изврши рехабилитација на стариот пат Прилеп-Тополчани-Битола, комплетно треба да биде заврпен за 10-тина дена. Но клучката која се гради на новиот пат Прилеп-Битола, кај ТИРЗ Прилеп, иако требаше да биде готова лани во декември се уште не е завршена, ниту пак има конкретен датум кога ќе се случи тоа.