Македонија
7. August 2018 - 9:58

До 10 август упис на деца во градинката во Делчево

До 10 август е крајниот рок за упис на деца кои заклучно со 1 септември ќе бидат згрижени во делчевската детска градинка „Весели Цветови“. Како што вели директорката на градинката Билјана Симовска, останатите дечиња кои се на листата на чекање и тие што ќе се запишат по 10 август ќе бидат земени предвид по создавањето услови за згрижување поголем број деца.
 
- Континуирано вршиме запишување на дечињата без разлика на возраста и во оваа прилика ги известувам сите родители кои имат потреба од згрижување на своето дете дека тоа можат да го направат најдоцна до 10 август 2018 година. При уписот на децата во градинка родителите треба да појдат лично во нашата градинка да пополнат пријава и да донесат извод од матична книга на раѓање на децата само за увид. Исто така, родителите ќе можат да одберат вид на згрижување во нашата градинка било да се работи за целодневен или полудневен престој. Ги замолувам родителите да го запазат рокот, бидејки после 10 август 2018 година ќе се земаат пријави, но дечињата нема да бидат примени во септември, туку ќе бидат на листата на чекање за наредниот период, рече Симовска.
 
Таа додава дека за во иднина да може да им се излезе во пресрет на родителите, ќе мора да се најде алтернативно решение за проширување на капацитетите со што ќе се отвори можноста да им излезе во пресрет на оние родители чии дечиња се наоѓаат на листата на чекање за упис во градинка.
 
- Вака до истекот на рокот, иако првично требаше да запишеме 90 дечиња, поради недостиг од простор ќе се задржиме на бројката од 50 дечиња, потенцираше Симовска.

Инаку, до завршувањето на минатата учебна година, вкупниот број на дечиња кои се згрижени во делчевската јавна установа изнесуваше 325 деца.