Македонија
14. November 2016 - 16:37

Дневниот весник Вечер објави уплатница за ажурирано членство на Катица Јанева во СДСМ

Катица Јанева е активен член на СДСМ, заедно со амнестираниот Зоран Заев, пишува весникот Вечер. Како доказ весникот објавува банкарска уплатница од Катица Јанева за нејзиното членство во СДСМ, и тоа на чекор пред да биде избрана за Специјална јавна обвинителка.

Документот до кој дошле од весникот Вечер, покажува уплата од 400 денари со цел на дознака: верификација на членство во СДСМ од страна на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на 31 јули 2015 година, преку филијала на банка во Чаир. Како примач на уплатницата е наведена партијата СДСМ со сметка во друга банка.

Од весникот направиле и компарација на јавно достапните документи на интернет, објавени од други медиуми на кој стои потписот на Катица Јанева. Споредбата покажала дека потписот на оваа уплатница е ист како потписите на Јанева ставени на официјален документ од СЈО. Со оглед на фактот дека Катица Јанева беше избрана за Специјален јавен обвинител на 16 септември 2015 година, уплатата за верификација на членство е направена 45 дена пред изборот.

Според Вечер, следи постапка за разрешување на Јанева, затоа што на обвинители и судии, партиски членства и активности не им се дозволени. 

Инаку, весникот “Дневник” на 4 ноември објави фотографија од членската книшка на Катица Јанева во СДСМ. Од пратијата одговорија дека Катица Јанева ниту била, ниту е член на СДСМ.

Во текстот на Вечер стои дека за близината на семејството на Јанева со партијата предводена од Зоран Заев, специјалната обвинителка зборувала на гостувањето во емисијата Топ-тема на ТВ Телма, признавајќи дека дел од тимот е и нејзиниот внук Ѓорги Делиџаков од Гевгелија, студент по економски науки.

Весникот пишува дека правото да вработи свои луѓе во СЈО го искористила и Лиле Стефанова, вработувајќи го кумашинчето.

Претходно, весникот “Дневник” објави дека во СЈО е вработена Елена Јосифовска, ќерка на обвинителката Елизабета Јосифовска, како и првиот братучед на обвинителот Гаврил Бубевски, а меѓу последните вработувања е и ќерката на екс пратеникот на СДСМ Еско Рахиќ.

Инаку, Вечер пишува дека во Романија, земја членка на ЕУ за непотизам се одговара кривично. Како доказ за тоа, весникот го посочува примерот со поранешната пратеничка од романската Социјалдемократска партија, Оана Никулеску, која е осудена на една година затвор условно, под обвинение дека ја најмила мајка си за работа во својата парламентарна канцеларија.

Во текстот на Вечер стои дека пред неколку дена и еврокомесарот Јоханес Хан бил прозван да одговори за партизираноста на Специјалното обвинителство.

Јас не сум судија и затоа не сакам да судам за работата на адвокатите. Таа мора да ја работи нејзината работа, да ги презентира нејзините резултати пред Судот, а потоа тој да одлучи. Мислам дека сите се однесуваат во потполно одговорен и професионален манир. Дефинитивно не е лесна ситуацијата во земјата, за некои клучни луѓе во земјата, но мислам дека ова е неопходен елемент за натамошна нормализација во земјата. Затоа во таа смисла, се надевам дека сите се свесни за својата одговорност и ги преземаат неопходните мерки и ја почитуваат меѓусебната работа – гласел одговорот на Хан.