Македонија
30. January 2019 - 14:04

Димовски ќе достави до Собранието предлог за измени на законот за „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“

Денес до Собранието на Република Македонија ќе доставам Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на стабен кредит или во јавноста познат како проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа купи стан“.

Законот првпат стапи на сила во 2011 година на предлог на Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Во текот на години Законот за субвенционирање на станбен кредит претрпи повеќе измени и дополнувања согласно потребите на граѓаните, но и пазарните услови.

Проектите „Купи куќа – купи стан“ и „Купи куќа за млади“ донесоа кров над глава за неколку илјади лица и семејства, но исто така имаа позитивни ефекти и кај градежните компании, а со самото тоа и фирми за производство на градежни материјали и внатрешно уредување.

Со Законот се предлага каматната стапка на субвенционираниот станбен кредит за граѓаните да изнесува не повеќе од 0,8 процентни поени од основната каматна стапка на НБРМ, наместо моменталните 3,95% за првите три години од отплатата на кредитот и не повеќе од 1,3 п.п. од основната каматна стапка на НБРМ наместо 4,44% за четвртата, петтата и шестата година од отплатата. Во моментов основната каматна стапка на НБРМ изнесува 2,5 п.п.

Со Предлог законот се дополнува дека каматната стапка по завршување на првите шест години нема да биде повисока од шестмесечен ЕУРИБОР + 5 п.п.

Дополнително предлагам и моделот на субвенционирање на месечната рата да се измени па така:

– Државата би субвенционирала 40% од ратата во првите пет години и 20% од ратата во наредните три години.

– Државата би субвенционирала 60% од ратата во првите пет години и 30% од ратата во наредните три години.

Со ваквите предлог измени државата ќе им помага на граѓаните во првите осум години, наместо пет години согласно моменталното законско решение.

Со Предлогот на закон се отстранува и одредбата според која субвенцијата за купување на нов стан важи само доколку цената м2 нето корисна станбена површина е до 900 евра со вклучен ДДВ. Ваквиот предлог за отстранување на оваа одредба е пред се поради можните злоупотреби за нереално прикажување на цената по м2 на атрактивни локации со цел да се искористи субвенцијата, а остатокот од средствата да се плати неформално.

Со прифаќањето на измените и дополнувањата на Законот за субвенциониран станбен кредит се очекува да се постигнат следниве ефекти:

– Намалување на каматната стапка, а со тоа граѓаните ќе треба да вратат помалку пари;

– Долгорочно решение со каматна стапка која ги рефлектира пазарните услови;

– Износот на субвенцијата ќе се дава на подолг период што ќе придонесе и за помал буџетски расходи во тековната година;

– Стимулирање на градежништвото кое е во пад во последните шест квартали;

– Долгорочно решение за прагот на месечен приход по основ на плата на лицата односно брачните парови кои може да користат субвенција;

– Проширување на опфатот на субвенцијата и за проширување и реновирање на постојна куќа, наместо само за купување односно изградба на куќа.

Во текот на денешниот ден Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит ќе го доставам и до Македонската банкарска асоцијација, Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанска комора на Македонија и Градежна комора на Република Македонија при Сојузот на стопански комори на Македонија со цел да дадат свое мислење. Овој закон ќе биде пуштен во редовна постапка и за истиот ќе барам да биде одржана јавна расправа.

Илија Димовски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ