Македонија
15. January 2022 - 9:39

Димитров: Не се каам воопшто за кажаното, два пати бев принуден да се заканам со оставка

Никола Димитров, вицепремиерот за европски прашања во заминување, вчеравечер во гостување во емисијата 360° на Алсат ТВ рече дека не се кае за прес-конференцијата во средата која предизвика бура реакција, а на која тој кажа дека водел тешка битка внатре во Владата во градењето на ставовите во преговорите со Бугарија, дека неговите ставови на ова тема се меѓу причините зошто нема да биде дел од новата владата, дека нема доверба во шефот на дипломатијата Бујар Османи, а изнесе и серија критики за состојбите внатре во државата.

-Очекував напади. Некои можеби малку ме изненадија, меѓутоа таква е политиката, не оди ништо лесно. Кога човек вели ќе отворам еден непријатен разговор – суштински за тоа што правиме, каде ни оди државата, што правиме со клиентелизмот, со корупцијата…, се разбира дека ќе има напади. Едноставно, таква е реалноста, рече Димитров.

Во одговор на критиките зошто молчел додека бил внатре во владата, Димитров вели дека воопшто не молчел туку не бил толку отворен затоа што битката ја водел внатре и тоа му била задачата.

-Ако сум дел од еден тим, за своите позиции морам да се борам внатре. И не е баш дека останав без ништо, па ајде сега ќе се лутам. Ако била приказната и мојата амбиција за функции, јас добив понуда за една од најпрестижните функции во македонската дипломатија, а тоа е да ја претставувам земјата во Вашингтон или ако не е Вашингтон дури и да си изберам земја или меѓународна организација каде сакам да работам. Јавноста треба да знае дека таа функција не е толку изложена на јавност, на притисок и на стресови, а има поголеми бенефиции и околу пет пати поголема плата од платата на член на Влада, вели Димитров.

Тој додава оти решил сега да зборува затоа што нема да може „да го носи гајлето“ сам со оглед дека нема да биде дел од новата Влада.

-Јас решив сега да зборувам, бидејќи гајлето што го носев јас како член на Владата и тимот во однос на преговорите со Бугарија, сега веќе нема да можам да го носам сам, бидејќи не сум внатре. Во реакција од кабинетот на премиерот се вели дека Димитров ги напаѓа позициите од кои бил дел, што ги градевме заедно. Јас во одговор на новинарско прашање на самата прес конференција кажав дека точно, за одговорите на 5+1 точките што ги постави Бугарија, сум дел од нив и стоиме заедно, изградивме заеднички став. Меѓутоа, тој став беше мачно граден, вели вицепремиерот во заминување.

Зборувајќи за „битките што ги водел во Владата при градењето на ставовите во преговорите со Бугарија“, рече дека во два наврати се заканил и со оставка.

На прашањето дали кога вели дека водел тешка битка внатре мисли и на битка со премиерот Зоран Заев или само со шефот на дипломатијата Бујар Османи за кого кажа дека нема доверба, Димитров одговори:

-Јас би требало да се обидам да избегнам ова да стане дебата на ниво ’јас вака кажав, он така кажа‘. На најкрупно, мислам дека јавноста треба да знае, тоа веќе го споменав до некаде, во битката внатре за градењето на заеднички македонски позиции во два наврати бев принуден и да се заканам со оставка дека ’ако одиме вон оваа линија, тоа ќе мора да го правите без мене, а јас ќе излезам надвор и ќе бидам гласен, рече Димитров.

Тоа, според неговите тврдења, го кажал и на премиерот Заев и во присуство на Османи.

Дури, вели Димитров, во една таква ситуација кажал оти ако сакаат, неговото место во идната влада да го понудат и на Алтернатива.

-Последниот пат, бидејќи беа актуелни преговорите со Алтернатива околу идната влада, реков: ’Еве и ќе олеснам, ако одите вака, моето вицепремиерско место може да го понудите на политичката партија Алтернатива‘. Дали не е мојата секирација легитимна, кога јас не сум внатре и кога не знам баш дали ќе има некој што ќе каже: ’вон овие позиции без мене, јас ќе дадам оставка‘? Јас тоа гајле морав да го споделам со јавноста, рече Димитров.