Македонија
27. March 2020 - 18:06

Димитров: Ја остваривме идејата за побезбедна и попросперитетна татковина

Ова е историски момент кој им припаѓа на сите граѓани на нашата земја и на плејадата политичари и визионери, кои макотрпно во текот на изминатите три децении работеа да се оствари идејата за побезбедна и попросперитетна татковина, изјави попладнево министерот за надворешни работи Никола Димиторв, откако нашата Амбасада во Вашингтон во Стејт Департментот го депонираше инструментот за пристапување кон НАТО, со што од денеска Македонија и официјално стана 30-та членка на Алијансата.

– Сакам да оддадам признание и благодарност до сите Вас, до сите македонски граѓани и Ви го честитам овој голем успех, истакна Димитров во присуство на американската амбасадорк во земјава Кејт Мери Брнз, кои претходно имаа видео разговор со вршителот на должноста помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, амбасадорот Филип Рикер.

Димитров изјави дека со ова завршија 27-те години од нашиот пат кон полноправно членство во НАТО, што започна во 1993 година.

– Членството на нашата земја во НАТО се случува во вонредни околности кога светот и човештвото се справуваат со можеби најголемиот глобален предизвик по Втората светска војна. Заради овие состојби чинот на одбележување на денешниот настан е скромен, но тоа на ниту еден начин не го намалува историското значење на овој успех, додаде Димитров

Тој најави дека в понеделник ќе се одржи церемонијата на подигнување на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел и во Командата на сојузничките сили во американскато сојузна држава Вирџинија, по што на 2 април ќе биде првиот претставник на нашата држава на еден министерски состанок на НАТО, што ќе се одржи преку видео конференциска врска.

– Од денеска САД се и формално наш сојузник со уште 28 земји членки (на НАТО) и никогаш веќе нема да бидеме сами, потенцира министерот за надворешни работи.

Димитров се осврна и на проблемот со коронавирусот, за кој рече дека нема национална припадност и затоа е потребна соработка и солидарнот меѓу државите во справувањето со него.

Брнз од своја страна рече дека ова се историски моменти за земјава, бидејќа стана членка на НАТО и доби одлука за почеток на преговрите со ЕУ.

– Многу сум среќна што во името на САД можам да Ви посакам добредојде како 30-та членка на НАТО, истакна Брнз, при тоа изразувајќи и признание на земјава за постигнатите напори и нагалсувајќи дека САД ќе продолжат со поддршата на нашата држава.