Македонија
3. January 2025 - 16:51

Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет

Чесните под заштита, подмитливите да го напуштат правосудниот систем. Новоизбраниот претседател на Судскиот совет, Александар Камбовски, најави чистка за судиите кои работат под влијание и лични интереси. Смета дека такви се најмногу дваесетина.

„Во Македонија има околу 400 судии и крајно време е тие што се 10, 15, 20 да ги тргнеме од нашите редови. Секој оној судија кој не работи според законите туку според некои негови лични интереси, дали подпаднал под влијание, дали сакал да оствари некој друга материјална или нематријална корист, бидете уверени дека местото нема да му биде повеќе во судскиот систем“, изјави Александар Камбовски,

Камбовски не откри дали се води постапка за судијата од американската црна листа.. Вели, забрането е изнесување детали од предмети за одговорност на судии. Во случај да се остварат најавите за разрешување членови на советот, очекува Собранието да ги почитува законите. Спремен е да се сретне и со премиерот, бидејќи како што вели, соработка мора да има.

„Ние мора помеѓу нас да се помагаме и да се контролираме. Таа е смислата. Затоа и Уставот е направен на тој начин. Треба да соработуваме и не треба тоа да се сфаќа како мешање на извршната во судската власт, или, пак обратно, судската во извршната власт“, изјави Камбовски.
Мицкоски не го коментира изборот на претседател на Судски совет.

„Немам што да кажам ниту да дополнам на тоа што се случува. Да видиме како ќе работи новиот претседател на Судскиот совет“, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.

За член на советот, Камбовски беше избран во јуни лани. На претседателското место доаѓа по предлог на судијата и член на советот, Исамедин Лимани. Намера да го предложи имала и Весна Дамева. Беше избран едногласно.

Камбовски ќе раководи со Судски во следните две години.