Македонија
10. July 2020 - 12:39

ДИК го презеде изборниот материјал од печатницата ,,Киро Дандаро‘‘ во Битола

Денеска од Битола започна дистрибуцијата на доверливиот гласачки материјал за престојните предвремени парламентарни избори. Членовите на Државната изборна комисија го подигнаа материјалот од печатницата „Киро Дандаро“ и во текот на денот ќе биде доставен до сите општински изборни комисии во државата кои утре треба да го достават до избирачките одбори. Процесот особено во делот на заштитата на здравјето, досега се одвива непречено, вели претседателот на комисијата Деркоски. Истакна дека имале мали проблеми со изземањето на здравствените работници, но според него тој процес се организира и се надминуваат тие проблеми. Вели исклучително тешко е да се организира ваков процес во време на пандемија, каде треба да се внимава на здравјето на граѓаните.

-Ги повикувам граѓаните да излезат на гласање, да не се плашат за здравјето затоа што ние се погриживме да ги снабдиме сите избирачки одбори со доволно заштитен материјал, заштитни маски, и за оние гласачи кои евентуално не можат да си купат, или немаат или нема да носат од било каква причина, ќе можат да добијат заштитна маска за да може да го остварат своето право на глас, изјави Оливер Дерковски, претседател на ДИК.

Во печатницата „Киро Дандаро“ во Битола испечатени се 1.814.263 гласачки ливчиња, а нивната безбедност е на највиско ниво.

-Преголеми заштити, не е можно да се фалсификуваат овие ливчиња, имаат преку 20 заштити, изјави Драги Милошевски, директор на печатница „Киро Дандаро“ Битола.

Бројката на пријавени гласачи кои се болни од Ковид 19 или се во самоизолација е 747 лица.

- Бројката е мала, но овој начин на гласање е со активна регистрација, зависи од волјата на самите граѓани, претпоставувам дека причина е психозата, стравот, донекаде и нашите традиционални балкански причини, срамот, религиозните причини, но тоа е тоа, рече Деркоски. 

Започнувајќи од вчера, во текот на денешниот ден и утре ќе се врши дезинфекција на сите гласачки места, а истото ќе се направи и после гласањето.