Македонија
10. February 2023 - 16:36

Детска клиника директно ќе го набавува лекот за цистична фиброза, МАЛМЕД нема добиено барање за регистрација

Откако почина Благојче Илиевски и државата “преку ноќ” обезбеди пари за најтешко болните од цистична фиброза, набавката на лекот  ќе оди преку Детската клиника. Според информации на Сител од ова Установа треба да се договорат со фирмата која на Балканот ја застапува единствената компанија производител на современата модулаторната терапија и преку интервентен увоз “Трикавтата” да биде донесена во Македонија. Од МАЛМЕД велат дека досега барање за регистрација на овој лек до нив не е доставено.

Колку пациенти првично ќе бидат опфатени ќе зависи по која цена ќе се купи лекот бидејќи за оваа намена вчера Фондот за здравство го зголеми буџетот на Детска за 2,2 милиони евра.

Од каде се обезбедени средствата, кога ќе бидат префрлени на Клиниката и зошто тоа не се направи уште пред неколку месеци и се чекаше да почине пациент за да се најдат пари, од Фондот за здравствено осигурување не добивме одговор на овие прашања.

Вчера по средбата во Владата на претставниците од Асоцијацијата за цистична фиброза им било ветено дека најтешко болните до крајот на месецот ќе добијат Трикафта, а оваа терапија во наредните три години да биде обезбедена за сите околу 130 пациенти.