Македонија
28. March 2017 - 12:56

Делегација од Нанчанг во посета на Скопје

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, претседателот на Советот Ирена Мишева и советниците Слободанка Алексовска, Драги Давчевски и Ќемал Муслиу денеска се сретнаа со делегацијата од збратимениот град Нанчанг, Народна Република Кина.

Делегацијата од Кина ја предводи заменик-градоначалникот на Нанчанг Хуа Чинг, а составена е од претставници од локалната и од регионалната власт од областа на меѓународната соработка, индустријата и информатичките технологии.

На средбата, како што соопшти Град Скопје, градоначалникот Трајановски потенцирал дека Скопје и Нанчанг имаат богата историја на успешна соработка во многу области и изразил надеж оти таа ќе продолжи и во иднина.

- На средбата беше разговарано за соработката меѓу двата града, како и за повеќе форми за нејзино продлабочување. Како области во кои може да се подобри соработката на средбата беа издвоени економијата, туризмот, информатичката технологија и фармацевтската индустрија, соопшти Град Скопје. 

Скопје и Нанчанг се збратимени од 1985 година и постои продлабочена соработка, пред се во областа на културата. Минативе две години во Скопје гостуваа културни ансамбли од Нанчанг каде со посебен настап се одбележа Кинеската Нова година. Во 2016 година делегација од Град Скопје, составена со претставници на повеќе сектори од администрацијата и Советот на Град Скопје, беа во повеќедневна посета на Нанчанг.

Нанчанг е главен град на провинцијата Јиангчи во југоисточниот дел на Кина и има популација од повеќе од 5 милиони жители. Нанчанг е еден од најголемите центри на автомобилската индустрија во Народна Република Кина, како и центар за производство на традиционални кинески медикаменти. Во изминативе години прераснува во центар на информатичка и други видови на „висока технологија“.