Македонија
8. December 2023 - 19:59

Децата се плашат да одат на училиште, се жалат дека психолозите не им посветуваат внимание

Учениците не се чувствуваат доволно заштитени по убиството на Вања, алармира Сојузот на средношколци. Се плашат да одат на училиште, тренинг или курс. Размислуваат и дали да излезат и да се дружат со своите врсници, вели Најдовски за Сител.

„Учениците ја чувствуваат својата безбедност загрозена. Нивниот комфорт е нарушен. После овој немил настан согледавме дека доста ученици имаат страв да излегуваат надвор од училиште, дали да одат на вон школски активности или социјални дружби, како и одење на училиште исто така. Сметам дека безбедноста во училиштата е исто еден голем прашалник за кој се разговара долго време“ – Филип Најдовски, Сојуз на средношколци 

Сојузот предлага дополнителни часови со психолози и педагози на кои ќе се дискутира дали и колкав ефект предизвикала трагедијата врз средношколците. Но, за тоа прво треба да се зголеми бројот на психолози, а оние кои моментално се вработени повеќе да се посветат на децата.

„Беше согледано од страна на Сојузот дека во многу училишта, психолозите се задолжени за административни работи, а не за нивната главна задача, односно да разговараат со учениците кога нивната помош им е потребна. Имавме ситуации од различни училишта каде што учениците имаа поплаки од работата на психолозите дека не се застапени во областа каде што треба да работат, туку се фокусирани на административните работи. Вакво нешто е повеќе искусено во училиштата надвор од Скопје“ – Филип Најдовски, Сојуз на средношколци

Според Најдовски, ова е системски проблем кој долго време се провлекува. Вели дека потребна е подобра структурна организација, како во основните, така и во средните училишта, а решението го гледа во засилен мониторинг на сите вработени.