Дебата: Македонија се покажа како гостопримлива во бегалската криза, потребна е глобална стратегија
Република Македонија и овој пат, исто како и во 1992 и 1995 година, се покажа како многу гостопримлива и се очекува генерално да продолжи бегалско-мигрантската криза, а ЕУ покажа висок степен на солидарност и подготвеност, но е потребна заедничка координирана сеопфатна стратегија.
Ова е заклучокот од денешната панел-дискусија на тема „Бегалци, мигранти, терористи? Справување со факти и предрасуди“, што се одржа денеска во организација на Универзитет Американ Колеџ Скопје.
Мохамед Ариф, претставник на УНХЦР во Македонија, нагласи дека УНХЦР работи во соработка со Владата и дава поддршка за справување со тековната криза со мигрантите и бегалците.
- УНХЦР е во земјава од 1992 година кога се случуваше босанската криза, а оваа земја прифати илјадници бегалци од БиХ, со што се покажа гостопримливоста на овој народ и земја, како и она што се случуваше во 1999 година кога оваа земја прими 360 илјади бегалци од таа криза и луѓето повторно ја покажаа гостопримливоста, рече Ариф.
Според амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Ернесто Масимино Белели, актуелната состојба со мигрантите е глобално прашање на кое треба да се гледа како долгорочен предизвик, а не како вонредна ситуација, бидејќи ако коренот е војната, тоа, подвлече, не значи дека сме блиску до наоѓање решение.
- Ова е предизвик без преседан, не само за Европа, туку и за европските вредности. Тука се под знак прашалник нашата способност заеднички да се справуваме со ваквата ситуација. Сите европски граници, земјите кои не се од шенген зоните се засегнати и треба да се најде решение, рече амбасадорот Белели. Тој додаде оти треба да се работи на солидарноста и да се одговори на овој прилив на мигранти и да се одбегне создавање бариери и создавање ѕидови, затоа што, истакна, тоа не е вистинскиот одговор.
Сузана Салиу, директор на Центарот за управување со кризи информира Република Македонија има голем проблем со финансиите, иако има институционални капацитети, воља и искуство на најуспешен начин да се справува со мигрантската криза. Република Македонија, потенцира таа, не смее да го урива имиџот на гостопримлив народ.
Откако постои ЦУК во Македонија, потсети таа, се прогласени три кризни состојби. Една во 2007 година поради зголемениот број пожари, во 2012 година кратка електро-енергетска криза и сега имаме кризна состојба поради мигрантската криза.
Не постои можност Република Србија да ја затвори јужната граница, тврди Душанка Дивјак Томиќ, амбасадор на Република Србија во Република Македонија, иако, укажа, се работи за голем комплексен проблем.
- Србија од првиот момент е отворена кон Македонија и повеќе пати нашиот премиер Вучиќ изјавуваше дека Србија никогаш нема да ја затвори границата. Ние се спротивставивме на затворањето на нашата северна и западна граница бидејќи очекувавме дека времето на граници и бодликаци жици одамна е во минатото. Но, добро е што тоа, сепак, го надминавме и оти нема да се повтори, изјави амбасадорката Томиќ. Според неа, битно е секоја држава да е свесна дека може да биде погодена од мигрантска криза.
Таа смета дека не е доволна само финансиската поддршка, но е исклучително важна за држави како што се Србија и Македонија, кои се во транзиција.
- Додека не се реши проблемот со изворот на кризата, ЕУ односно сите држави, вклучувајќи ги и нашите, ќе се соочуваат со доста големи проблеми. Наше е да дадеме помош, да имаме хуман третман за бегалците, но истовремено тешко е да се предвиди крајот, изјави амбасадорката Томиќ.
За Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст на РМ, со оглед на феноменот и на интензитетот на мигрантската криза, Македонија благодарение на добрата координација меѓу институциите навремено и добро се соочи со мигрантската криза.
- Деновиве сме сведоци на поорганизиран пристап на задоволување на потребите на таа категорија. Веќе се подготвуваме за идните предизвици, кои согласно проценките кои ги поседуваме, зборува за тоа дека феноменот ќе продолжи и понатаму, а за динамиката сите лицитираме со различен интензитет. Но, се подготвуваме за претстојниот зимски период, се со цел Македонија уште еднаш да покаже дека како држава со скромните капацитети кои ги поседуваме, но со добрата амбиција која ја покажуваме дека како луѓе, народ и држава ги разбираме проблемите и страдањата на другите и подготвени сме да помогнеме, изјави Саити.
Зоран Шапуриќ, професор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје смета дека ЕУ и нејзините земји-членки и покрај противењето на земјите од Вишеградската група, широко ги отвори вратите и покажа висок степен на солидарност. Основно е, истакна, да се изгради заедничкиот принцип на солидарност, како да се изнајдат заеднички активности на сите земји, не само на земјите од ЕУ и како да се дејствува во иднина.
- Очекувањата и предвидувањата се дека овој процес ќе продолжи, но е многу тешко да се предвиди со кој интензитет. Некои сметаат дека зимскиот период ќе се намали интензитетот, трасите ќе се сменат, а некои очекуваат да се отворат т.н. јужни коридори од Грција преку Албанија, Црна Гора и понатаму Хрватска, рече Шапуриќ.
Ново на Сител
-
Претседателот на Олимпијакос обвинет за поттикнување насилство во спортот
-
Мастурбирањето е половина машко здравје | Д-р Дејан Огненовиќ | ПРОфесија | Sitel Podcast 072
-
Пронајдени црните кутии во урнатиот товарен авион на ДХЛ кај аеродромот во Вилнус
-
Сиљановска Давкова и Филипче разговарале за политичките и безбедносните состојби и деблокадата на евроинтеграциите
-
Република Северна Македонија избрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје
-
Приведени кавадарчани, кај нив пронајдени детектори за метал и сомнителни предмети
-
Приведен кумановец кој ограбил неколку возила
-
Арсовска: Долгот на централните власти кон ЈСП следната година ќе достигне десет милиони евра