Да нема преименување на градските улици, Сојуз на борците со отворено писмо до Касами
Ова писмо е јавен израз на најостра реакција, предупредување и споделување на длабока загриженост на државотворниот Сојуз на борците од народноослободителната и антифашистичка војна и граѓаните продолжувачи од Тетово, а поради повторните вознемирувачки најави на градоначалникот на општина Тетово г. Билал Касами за промена на имиња на улиците во градот и определување на имиња на претходно неименувани улици на територија на општината.
Ова писмо е во отворена форма и споделено со јавноста бидејќи истото се упатува и до сите членови на Советот на Општина Тетово, до Владата на Македонија, до претседателот на Влдата и до Претседателот на Републиката, до министерот за транспорт, министерот за локална самоуправа, министерот за политички систем и до амбасадорите на ЕУ и САД во земјава.
Почитуван г-дин Билал Касами,
Како градоначалник на општината, Вие по Устав, Закон и здрав разум, сте градоначалник во служба на сите граѓани кои живеат во општината за која сте добиле чест и доверба да ја предводите. Изминатите години сведочевме за неприфатлива, недостоинствена и некоректна реторика од Ваша страна, со која правевте поделба на граѓаните, го храневте јазот помеѓу етникумите и верувавте дека можете да донесете развој на град за кој претходно со сите сили се трудевте да му наметнете амбиент на меѓусебна неподносливост и исклучивост во јазична, културна и политичка смисла.
Овој пат, нема да потсетуваме на многуте Ваши изјави кои се потврда на нашите погоренаведени наводи.
Сега е крајно време да допрат навремено нашите предупредувачки и отрезнувачки зборови до Вас, пред да биде прекасно. Определувањето на имињата на улиците не е инструмент со кој можете политички да профитирате, туку е отварање на пандорината кутија од која може да излезат големи непријатности за сите.
Вашата најава дека за промената на постоечките и определувањето на нови имиња одлучува Советот на општината и дека верувате во политички консензус, а притоа велите дека доколку владејачката ВМРО-ДПМНЕ или било која друга македонска политичка партија одлучи да не биде дел од процесот, значи дека истите се согласиле сите улици во градот да бидат именувани според албански личности. Дополнително на ова додавате дека за предметната одлука воопшто не е потребно бадинтерово мнозинство. Срамно.
Прво во Вашиот речник не треба да постојат македонски, турски, ромски или албански партии, туку политички партии и чинители кои се повикани на соработка во демократски услови и амбиент на градење општествена кохезија помеѓу етникумите.
Второ, дали отсуството на политички субјекти во одреден процес Вам ви дава за право да бидете градоначалник само на албанците кои живеат во Вашата општина? Зарем Вие јавно признавате дека живееме во племенска заедница и иако земате плата од сите граѓани Вие не се грижите за сите нас?
Трето, спротивно на вашето правно непознавање, Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во чл. 4, ст. 2 експлицитно пропишува дека Одлуката за определување на име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината ја носи Советот со мнозинство гласови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината.
Законот јасно регулира дека Советот претходно формира листа на имиња, во која не смее да се најде име со кое се нарушува угледот на Република Македонија, се навредуваат националните чувства на граѓаните на Републиката и на граѓаните на други држави, како и се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал. Ваквата пак, листа на имиња за да ја утврди Советот претходно мора да обезбеди согласност од Владата на Македонија.
Тоа значи дека ниту Советот смее, ниту Владата може да се согласи на листа со предложени имиња на личности кои се дел од фашистичката коалиција од Втората светска војна, на припадници на фашистичките балистите формации, ниту имиња кои учествувале во војни и тероризам против безбедносните сили на Република Македонија или загрозиле јавна безбедност на наши или странски граѓани. Имиња на улици може да бидат личности кои со своето дело предизвикуваат неподвоеност и заемна почит од сите граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Сојузот на борци во оваа прилика јавно апелира до членовите на Советот на Општина Тетово навреме, јавно да излезат со свој став против било какво преименување на улици кои носат имиња на национални дејци од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите, многувековните борби за државност, како и на нашите сојузници од антифашистичката коалиција, како и против било какво именување на улици и инфраструктурни објекти со имиња на личности, настани и датуми кои слават фашистичка, терористичка, милитаристичка или радикална личност, односно група.
Јавно апелираме и до државниот врв, а особено до Владата веднаш да го осуети овој срамен обид за креирање на немир во Тетово, инициран и поттикнат од националнистот Билал Касами.
Јавно апелираме до сите политички партии, парламентарни и непарламентарни веднаш јавно да го осудат сценариото во кое сака да не вовлече Билал Касами.
Јавно апелираме до амбасадите на ЕУ и САД и до целиот дипломатски кор на меѓународната заедница, да преземат дипломатска активност да се спречи националистичкото сценарио на Билал Касами, кој со ова покажува дека воопшто не е на линија на стратешките интереси на државата, за кои само декларативно се залага.
На крајот потенцираме дека и законодавецот во чл. 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, предвидел дека во отсуство на други политики и резултати, често ќе се игра на картата нарушување на општествената хармонија, па затоа забранил постапка за определување на имиња на улици и инфраструктурни објекти шест месеци пред одржувањето на редовни избори. Ние влегуваме во година со локални избори, за нешто повеќе од шест месеци од денес, но во исклучутелно деликатен период за градоначалникот. Токму поради тоа, да ги прочитаме навреме лошите намери, да им се спротивставиме и да не дозволиме да се дели народот.
На крајот, апелираме на свесноста на градоначалникот да ги прими овие зборови со доблест и мудрост, а ги замолуваме граѓаните и медиумите за широка поддршка во нашите напори да го заштитиме Тетово од национализам и омраза.
Со почит,
Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи – Тетово
24.01.2025
Тетово
Ново на Сител
-
Покренато обвинение против суспендираниот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јол
-
25-годишен скопјанец со „мерцедес“ удрил во канделабра
-
Малолетници од Гостивар во бессознание завршиле на болница - пиеле алкохол во дискотека
-
Народот на Гренланд сака да биде дел од САД, изјави Трамп
-
Израел го обвинува Хамас за две прекршувања на примирјето
-
Намалена видливост поради магла во Демир Капија, Петровец-Велес, Битола и Прилеп
-
18-годишник од Трубарево приведен за кражба на делови од комбајн
-
Прегазен пешак во Гостивар