Македонија
26. January 2025 - 17:18

Партиите не прекинуваат со обвинувања - кој е виновен за кризата и голготата на онколошките пациенти

Зошто Онкологија повторно дојде во ситуација да има недостаток на терапија за дел од пациентите? Директорот на Фондот му одговори на СДСМ дека нема да поднесе оставка за случувањата на клиниката бидејќи според Клековски оваа партија нема кредибилитет за ваков повик. Од установата, пак, со уверување дека работат на добивањето на 6-те лека кои се дефицитарни. Многу пациенти, многу пари, промени во функционирање, се објаснувањата кои ги даваат надлежните институции а сето тоа стана мегдан за секојдневни прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои меѓусебно се обвинуваат кој е виновен за голготата на најтешно болните. Од партијата на власт денеска имаа трибина на тема – моќта на лековите живот или профит?. Зборувајќи за минатото кога изби скандалот со онколошката терапија, тврдат дека системот намерно бил уништуван за профит.

- Најголемата рак рана што јас мислам дека во моментот можеби ја користат одредени злонамерници во здравството е непостоењето на регистри на пациенти – кои пациенти, каде се на која терапија. Тогаш државата, Владата  и јавноста ќе имаат увид колку ќе изнесува трошокот, колку чини терапијата, за колку пациенти, вели Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ. 
Од опозициската СДСМ, пак, трет ден бараат оставки за кризата на Клиниката велејќи дека целата одговорност е кај власта. 

- Власта да не си поигрува со човечки животи и да не бара срамни оправдувања, пациентите од тоа немаат ништо, тие чекаат лек за живот.
Директорот на Клиниката за Онкологија, Игор Стојковски, Директорот на Фондот, Сашо Клековски и министерот за здравство, Таравари, веднаш да поднесат оставки.
Власта да формира кризен штаб и итно да ја обезбеди потребната терапија а потоа да направи долгорочен план за обезбедување на оваа животно потребна терапија, вели Белкиса Зеќири од СДСМ.

На Онкологија веќе десет дена недостасуваат 6 лека кои ги примаат повеќе од 300 пациенти. Со донација од прозиводители и анекси на постоечки договори Фондот и клиниката го решаваат проблемот. Пациентите, пак, побараа не гаснење на пожари туку долгорочна стратегија.