Македонија
19. јуни 2020 - 16:56

Чулев тврди дека екс директорот на РЕК Битола вршел изнуда, Ковачевски негира

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, при денешната посета на СВР Битола изјави дека поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски заедно со раководството вршел изнуда и поткуп на фирма која добила тендер за ископ на јаловина.

-Од страна на директорот и раководството на РЕК Битола било вршено притисок дел од договорот да биде отстапен на друга фирма, подизведувач која ниту има капацитет ниту механизација и која е блиска до СДСМ. Со оглед на тоа што одговорните лица во правното лица кое било најповолен понудувач ја одбиле понудата да отстапи дел од договорот, притисокот продолжил од страна на директорот на РЕК Битола било побаран поткуп од 250.000 евра согласно пријавата, изјави Наќе Чулев, министер за Внатрешни работи.

Како што истакна Чулев, откако фирмата не прифатила, договорот бил еднострано раскинат и била активирана банкарската гаранција, а фирмата покренала граѓанска постапка и бара оштета од 1 милион евра. Министерот потенцираше дека испратиле известување до ОЈО потпишано од двата началника заедно со целосната документација и чекаат обвинителството да постапи со цел расветлување на овој настан.

Генералниот директор на ЕСМ и поранешен директор на РЕК битола, Васко Ковачевски пак, ги отфрла денешните обвинувањата кон него, велејќи дека се неосновани.

-Неоснованите обвинувања од страна на министерот Наќе Чулев се уште еден доказ за злоупотреба на полицијата за партиско-политички цели на ВМРО ДПМНЕ. Ги одбивам денешните негови обвинувања, не се точни. Помина времето на МВР ВМРО кога се правеше хајка и се оцрнуваа неподобните за нив. Кога веќе Наќе Чулев сака да бара криминал му препорачувам да се позанимава со владеењето на Христијан Мицкоски како директор на АД  ЕЛЕМ сега ЕСМ и да ги истражи тендерите за набавка и увоз на електрична енергија по енормно високи цени и ангажмани на неговите пријатели како адвокати како консултанти, изјави Васко Ковачевски, Генерален директор на АД ЕСМ.

За денешната изјава на Чулев, Ковачевски најави дека ќе поднесе кривична пријава лично против него.