Македонија
27. March 2020 - 19:51

Четири новозаболени во Прилеп

Дете на 9 годишна возраст, две женски лица на возраст од 35 години и едно машко лице од 36 години се четворицата прилепчаните чии брисеви покажале дека се позитивни на корона вирусот. Заболените се во добра здравствена состојба и во моментов се во самоизолација. Синот на првите двајца постари заболени лица е тестиран и е негативен. Од 20 испратени брисеви од Прилеп 16 се негативни, само 4 позитивни.

„Да, синот на брачната двојка е тестиран и е негативен. Значи детето и мајката се во сродство со претходно потврдените случаеви. Епидемиолошката служба во моментот работи да ја најди поврзаноста на случаевите. Точно тоа е и нивната задача, да се најди кој е изворот на заразата“, рече Драгица Николоска, директор на Центар за Јавно здравје Прилеп.

Во Општата болница во Прилеп се правеле само итни операции и се водело строга контрола на влезот во болницата, без посети и непотребни двиижења низ објектот.

„На инфективно одделение е предвидено да ги третираме средно-тешките форми, или средно-лесните форми на заболени, додека пациентите со лесна клиничка слика остануваат дома и во домашно лекување“, кажа Драган Богоески, директор на Општа болница Прилеп.

Градоначалникот уште еднаш повика да нема дискрииминација кон никого бидејќи секој може да се зарази и да не се шират шпекулации и паника во градот.

„Оние кои што несакајќи биле во контакт, ги охрабрувам сите, ама баш сите да се пријават, да се охрабрат, затоа што само така и тоа е единствениот начин за да дојдеме до побрзо сознание за кои се луѓе и сограѓани се инфицирани од оваа болест“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп

Покрај досегашните мерки за заштита во Прилеп ново е тоа што ќе се правеле специјални корита на влезовите од градот за дезинфекција на возилата.